Пред неколку дена, „Фокус“ објави дека универзитетскиот професор и довчерашен министер за правда Никола Тупанчевски ќе биде македонски амбасадор во Србија. Во врска со оваа информација, Тупанчевски кусо ни одговори дека засега нема ништо официјално.
Во меѓувреме, во јавноста излегоа имиња за други амбасадорски позиции. Во таа насока, довчерашниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски се споменува како иден амбасадор во Париз, каде требаше да замине ексдиректорот на АНБ Виктор Димовски, но работата се искомплицира поради скандалот со Онишченко.
Потоа, поранешниот лидер на ЛДП и градоначалник на Центар Андреј Жерновски, кој долго време се споменуваше како иден амбасадор во Србија, по се изгледа ќе замине во Романија. На амбасадорска служба заминаа и други поранешни лидери на ЛДП. Јован Манасиевски е во Анкара, а Горан Милевски во Љубљана.
Директорот на Државниот архив Емил Крстевски е изборот за Прага. Тој доаѓа од ДОМ на Маја Морачанин, која е дел од владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ, но периодов упатува критики кон начинот на кој се турка изградбата на инфраструктурните делници од „Бехтел и Енка“.
Понатаму, кариерниот дипломат Игор Попов треба да замине во Бразил, Пајо Авировиќ во ОБСЕ, Џенек Сејфула во Стокхолм, Шпенд Садики во Израел, Јасмин Ќахил во Варшава, Јакуп Реџепи во Сараево.
Како што веќе објавивме, над 10 кадровски решенија за пополнување на испразнетите амбасадорски места го минале владиниот филтер на предлог на Министерството за надворешни работи и чекаат да биде финализирана постапката, која предвидува да добијат Указ од претседателот на државата пред да бидат соопштени во јавност.
„Фокус“ се обрати до Владата за проверка на оваа информација, но од таму добивме одговор дека такво нешто не се случило на отворена седница, додека одлуките на затворена седница не се за објавување во јавност. Прашавме и во МНР, од каде го добивме следниот одговор:
-Упатувањето амбасадори, односно шефови на дипломатски и конзуларни претставништва на Северна Македонија е регулирано со Законот за надворешни работи кој предвидува сложена постапка за именување на амбасадор, врз база на усогласеност од Министерството за надворешни работи и Претседателот, одобрување од Владата, како и агреман од државата на приемот.
Се работи за комплексен процес во кој своја улога има и Собранието, преку посебно излагање на предлог – амбасадорите пред Комисијата за надворешна политика; тоа е суштински елемент од постапката низ која не само што пратениците имаат можност да ги испрашуваат предложените амбасадори, туку овие седници се јавни за што и широката јавност има можност директно да запознае кој ќе ја претставува земјата во странство.
Сѐ до завршувањето на оваа постапка (добивањето агреман), овие податоци се доверливи и за тоа постои добра причина“.
В.С.