„Митоловка“, односно „кафез за ловење на митаџии“, пред три дена осамна во близина на Буњаковец. Урбаната инсталација ја постави Центарот за современа уметност (ЦСУ), а повод беше Светскиот ден за борба против корупцијата.
Од таму велат дека „Митоловката“ претставува ново и многу ефикасно средство за борба против корупцијата во Македонија.
„Со оглед дека корупцијата го разјадува нашето општество, ја уништува нашата иднина и ги богати нашите политичари, олигарси и кој уште не, решивме да ja креираме oваа ефикасна алатка за борба против корупцијата, посочуваат од Центарот.
Организаторите истакнуваат дека при развојот на „Митоловката“ – (мишоловката) се инспирирале од репликата во македонскиот филм „Среќна нова 49та“, па решиле оние кои земаат мито да ги претстават како стаорци и да „удрат по нив со стаорски средства“.
-Се надеваме дека граѓаните како и странските претставници, кои се единствените во кои граѓаните имаат доверба, ќе ги увидат бројните предности на „Митоловката“ и ќе ја употребуваат сè додека и последниот стаорец не го напушти или не биде уловен на бродот Македонија“, велат од ЦСУ.