Кои институции треба да испитаат дали дали има прекршување на етичките кодекси на министерот за правда Никола Тупанчески, вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи и претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев кои ја бодреа нашата фудалска репрезентација во Палермо за време на мечот кога Македонија ја победи Италија, откако се појавија информации дека патувањето на било на сметка на Фудбалската федерација на Македонија, а тие наводно добиле и гратис влезници во ВИП ложата.
-Владата го следи случајот со министерот за правда Никола Тупанчевски и неговото присуство на фудбалскиот натпревар во Италија и откако ќе бидат разгледани сите информации и факти, ќе биде постапено во согласност со Кодексот за етичко однесување, велат од Владата.
Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска пак вели дека тие не се надлежни да ја испитуваат етичноста на претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев.
Црвенковска објаснува дека кодексот го носи Врховниот суд, а дали судиите го почитуваат, следи Советот за етика при Здружението на судии.
Советот на јавни обвинители исто така нема да испитува дали Фетаи била етична, туку за тоа имало Етички совет при Јавното обвинителство.
Лазар Нанев и Фетаи вечерва ќе ја бодрат фудбалската репрезентација и во Португалија, додека Тупанчески останува во Скопје. Тој последен пат се појави во јавноста на „Утрински брифинг“ и кажа дека трошоците за Палермо си ги плати сам од трансакциска сметка, но не приложи ниту сметки ниту кажа дали летот и сместувањето си ги платил сам.
Обвинителката Фетаи е единствената од патниците која што ги покажа уплатниците за платените аранжмани преку туристичката агенција „Гуливер“ за следење на натпреварите на македонската фудбалска репрезентација. Двете уплатници се од 28 март, додека патувањата се реализираа на 22 и 27 март. Аранжманот за Палермо, Фетаи ја чинел речиси 24.000 денари, а за Порто платила околу 17.000 денари.
И Нанев продолжи на натпреварот со Португалија, тој на социјалните мрежи ја пренесува атмосферата пред мечот Македонија-Португалија.