Кој ќе ја преземе контролата во хотелскиот гигант „Македонија Турист“? „Скопски пазар“ му се доближи на долгогодишниот акционер Таневски

by Fokus

Акционерското друштво АД „Скопски пазар“, во кое мнозински сопственици бизнисмените Фатмир Етеми и Ацо Дудлоски купи нов пакет акции во хотелскиот гигант „Македонија турист“ и сериозно му се доближи на Доне Таневски, долгогодишен доминантен акционер во компанијата со која управува неговата ќерка.

„Согласно член 38 став 1 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, известуваме дека акционерот Скопски пазар акционерско друштво за услуги во прометот и трговијата увоз-извоз Скопје купи дополнителни 33.000 обични акции и сега поседува 78.230 односно 17,30% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД“, објави Берза.

Вкупно над 44.000 акции се продадени на јавна берзанска аукција, по принципот „сè или ништo“ и со ова тргување „Скопски пазар“, фирма која поседува 12 зелени пазари во Скопје има 17,30 отсто од акциите во хотелското друштво. Пред неа е само Таневски со 17,72 удел и прашање на време е кога акциите на некој од малциските акционери ќе завршат во портфолиото на „Скопски пазар“.

Во компанијата која поседува пет големи хотели во Скопје не е повеќе акционер отворениот задолжителен пензиски фонд Сава.

„Согласно член 38 став 1 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, известуваме дека акционерот Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд, продаде 39.789 односно 8,80% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД и сега не поседува акции во Друштвото“, објави Берза.

„Скопски пазар“ е компанија во која претседател на Надзорниот одбор е контроверзниот бизнисмен Фатмир Етеми кој е еден од најмоќните градежници и инвеститори во Македонија. Неговите роднини Арменд Етеми и Бесар Етеми се во Управниот одбор на оваа компанија.

Поголем акционер во компанијата е и М.Г. Фешн ДОО Увоз-извоз од Скопје кој поседува акционерски пакет од 7,69 проценти од вкупниот број обични акции на компанијата, односно 34.795 акции. М.Г. Фешн 20 години е застапник на некои од најпознатите светски брендови чии франшизи ги поседува, а стана позната по изградбата на висококатниците на паркингот спроти хотелот „Холидеј Ин“ кој пак е во сопственост на „Македонија турист“.

Претходно акционерот Соња Бибановска која беше бизнис-партнер на Доне Таневски ги продаде сите нејзини акции со право на глас (вкупно 50.953 акции) по цена од 11.070 денари за акција и во еден ден инкасира 9,2 милиони евра од продажбата. Таа досега беше втор најголем поединечен акционер во таа компанија.

Таневски сега е претседател на Надзорниот одбор, а неговата ќерка Мирјана Таневска е претседател на Управниот одбор и оперативно ја води компанијата која располага со најмногу хотели во Македонија и сите се во главниот град.

Оваа компанија ги поседува скопските хотели „Холидеј Ин“, „Карпош“, „Бест Вестерн“, „Белви“, „Водно“, „Јадран“ и „Бристол“.
Друштвото во текот на 2023 година од работењето со хотелски и ресторански услуги како основна дејност како и од други споредни дејности остварило добивка од 96,39 милиони денари или нешто над 1,5 милиони евра која е тројно зголемена во однос на 2022 година кога изнесувала 30,88 милиони денари.

Компанијата не се занимава само со хотелски бизнис туку и инвестира во акции, има удели во фондови и во депозити, а сето тоа е вредно 22 милиони евра. Само во „Комерцијална банка“, хотелската компанија има околу 4 отсто од сите акции на банката која соопшти дека остварила добивка од 72 милиони евра.

Орце Костов

Поврзани новости