Кој ќе го наследи Заев?

По најавата на Зоран Заев дека се повлекува од премиерската функција и лидерската позиција, се поставува прашањето кој ќе го наследи? Дали тоа ќе биде некој од неговите соработници во владата и СДСМ? Или пак изборот ќе падне врз натпартиско решение?

by Фокус

Откако вечерва се потврди убедливата победа на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, Зоран Заев најави дека ќе поднесе оставка и од премиерската функција и од лидерската позиција во СДСМ. Притоа, тој остана на ставот дека не се потребни предвремени парламентарни избори, меѓутоа истовремено порача дека е решителен во одлуката да се повлече од двете челни места, најавувајќи дека, сепак, активно ќе помогне во транзициските процеси во владата и владејачката партија.

Оттука, се поставуваат две прашања. Прво, кој или кои лица ќе го заменат на двете влијателни позиции? И второ, дали оваа влада со нов премиер, водена од партија со нов лидер, ќе успее подолго да опстои на власт, имајќи во предвид дека опозицискиот лидер Христијан Мицкоски вечерва повтори дека во земјава веќе има нова политичка реалност и прашање на време е кога ќе се формира ново парламентарно мнозинство во парламентот?

Ако пред изборите се поставеше прашање кој би го заменил Заев на чело на владата доколку реши да се повлече од функцијата, тогаш првата асоцијација би била Оливер Спасовски. Освен што е партиски потпретседател и министер за внатрешни работи, тој беше премиер во техничката влада што ги спроведе последните парламентарни избори. Меѓутоа, ваквата опција веќе делува нереално, откако победата на Максим Димитриевски во Куманово се смета за пораз не само на Оливер Илиевски, туку и за Спасовски.

Во таква ситуација, како некакви природни наследници на Заев се наметнуваат други влијателни членови на владата, а уште поголеми шанси им се даваат на оние кои патем се и високи функционери во СДСМ. Во таа насока, веќе извесно време се споменува министерот за здравство Венко Филипче дека би го заменил Заев на чело на Владата доколку тој одлучи да се повлече. Во меѓувреме, Филипче стана и потпретседател на СДСМ, но, од аспект на неговиот рејтинг и кредибилитет, не му оди во прилог случајот со пожарот во тетоовската модуларна болница, по кој си поднесе оставка ама не му беше прифатена.

Во тој контекст, уште еден висок владин функционер истовремено е и дел од највисокото партиско раководство на СДСМ. Станува збор за владиниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, кој, исто така, стана и партиски потпретседател на последниот партиски конгрес, на кој за првпат се одржаа непосредни внатрепартиски избори за избор на лидер. Фактот што се работи за умерен и стручен политичар, кој воедно ја рефлектира и мултиетничноста на СДСМ, се смета за негова предност, но негов хендикеп е тоа што нема долга историја и цврсти корени во партиската структура.

Наспроти тоа, тоа не важи за вицепремиерот Љупчо Николовски, кој претходно беше министер за земјоделство. Како што е познато, тој ги минал сите скалила во партиската хиерархија, а најголем подем доживува токму со доаѓањето на Заев на чело на СДСМ, кога Николовски му станува шеф на кабинет и човек од голема доверба. После претседателските избори, на кои владејачката коалиција постигна тесна победа, тој го замени Александар Кирацовски на позицијата генерален секретар на СДСМ, додека по уште една тесна победа на ланските парламентарни избори стана и вицепремиер за антикорупција.

Но, кога се говори за разни кадровски комбинаторики, името на Николовски секогаш повеќе е во оптек за нов лидер на СДСМ, отколку за нов премиер. Од друга страна, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, иако неодамна стана заменик-претседател на СДСМ на местото на Радмила Шеќеринска, сепак, повеќе циркулира како можен нов владин премиер отколку како нов партиски лидер. Како и да е, сето тоа зависи од одлуката дали Заев ќе го замени класичен партиски кадар или пак изборот би паднал врз натпартиско решение.

Имено, повеќе аналитичари прогнозираат дека сега е вистински момент за формирање на широка коалиција меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и други поголеми партии, особено од причина што земјава се соочува со економска, здравствена, енергетска криза. Арно ама, прашање е колку опозициските партии би сакале да учествуваат во ваква широка коалиција, особено ако проценат дека на тој начин опозициското расположение би се разводнило наместо да прогресира. Затоа, опозицијата сега е повеќе заинтересирана да го искористи моментот да ја преземе власта преку ново парламентарно мнозинство и/или предвремени парламентарни избори.

Во таа насока, Мицкоски вечерва се заблагодари на поддршката што ја добија од опозициската Левица, со која веќе формираа мнозинство во Град Скопје и други општински совети. Но, исто така, тој им се заблагодари и на владејачките ЛДП и ДОМ поради тоа што ги оставија нивните поддржувачи самостојно да одлучат кого да поддржат во вториот изборен круг. За потсетување, тие имаат тројца пратеници, кои, при ваков распоред на силите во парламентот, се клучни за одржување на актуелната влада, односно може да бидат клучни за уривање на владата.

Покрај тоа што истакна дека ја добиле поддршката од граѓаните во 40 општини, Мицкоски воедно посочи дека биле одлучувачки и во доминантно албански општини, споменувајќи ги Тетово, Гостивар и Дебар. Ако за Гостивар и Дебар нема ништо чудно, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ отворено соработуваше со ААА, чии кандидати за градоначалници се натпреваруваа во овие општини, интересно е што ја споменува и Тетово, каде во вториот круг се бореа двајца кандидати на владејачки партии, поради што опозициската партија, барем официјално, беше незаинтересирана да се меша во овој дуел.

Меѓутоа, последната порака на Мицкоски укажува дека ВМРО-ДПМНЕ му дала некаква поддршка на лидерот на БЕСА Биљал Касами, кој направи пресврт и во вториот круг ја победи Теута Арифи од ДУИ. Со тоа, всушност, се засилуваат одредени анализи дека опозицијата игра на картата и на БЕСА за прегрупирање на силите во парламентот и за формирање на ново мнозинство без СДСМ и ДУИ, кои би спровеле парламентарни избори. Сепак, Касами неодамна изјави дека неговите 4 пратеници остануваат дел од владата на централно ниво.

Во секој случај, потврдата на опозициското расположение во вториот изборен круг ја менува политичката слика, а најавата за повлекување на Заев и од владата и од СДСМ отвораат простор за повеќе можни разврски. И покрај тоа, тој денес повтори дека актуелната владејачка структура треба да продолжи да владее, па дури повторно ја спомена можноста да се засили парламентарното мнозинство, алудирајќи на Алтернатива. Меѓутоа, неговото повлекување значи повлекување на целата влада, па изборот на нова влада во собранието ќе ја расчисти ситуацијата на која страна е мнозинството.

Влатко Стојановски

Поврзани новости