Македонскиот национален оператор „Номагас“ повторно објави повик за потенцијални изведувачи на интерконекторот за природен гас помеѓу Македонија и Грција.
На ланскиот повик во ноември се пријавија пет заинтересирани страни за негова изградба, евалуацијата на понудите беше во тек, но во меѓувреме европската банка која ќе го финансира проектот најде техничка забелешка во тендерската постапка, по што процедурата мораше да се повторува.
Предвидената сума на финансирање е иста – 83.653.000 евра.
Македонскиот дел е 67 километри од Гевгелија до Неготино. Понудите треба да пристигнат до 20 ноември, кога ќе биде и нивното отворање, односно почетокот на разгледување. Предвидениот период на изградба е три години. Се очекува евалуацијата на понудите да трае неколку месеци.
Интерконекторот со Грција на Македонија треба да ѝ обезбеди посигурно снабдување со природен гас, како и диверзификација на изворите од каде Македонија досега го набавуваше гасот. Единствената прекугранична гасоводна врска што ја има Македонија во моментов е со Бугарија.
Идниот гасовод меѓу Македонија и Грција е со должина од 123 километри и ќе се гради на потегот од Неготино преку Гевгелија до Неа Месимвриа во Грција. На овој начин, во иднина би се обезбедила алтернативна врска за обезбедување на природен гас од ЛНГ-терминалот во Алесандропули во Грција, како и од гасоводот ТАП кој од Азербејџан преку Турција носи природен гас кон Европа. Низ гасоводот треба да се пренесува и водород.