Македонската јавност ја дочека со одобрување веста дека ќе се започне со снимање на игран филм, документарец и ТВ серија за легендарниот музичар Тоше Проески. Снимањето на проектот ќе траело две години, носител на проектот е МРТ, а ќе се одвоеле 1,5 милиони евра за снимањето на филмот, обезбедени од буџетот на Македонија преку Министерството за дигитална трансформација.
Осумнаесет години по смртта на Проески, не стивнува јавниот интерес за него, а со објавата на веста дека ќе се снима игран филм за него, актуелно е прашањето кој актер ќе го игра неговиот лик.
Како што неофицијално дознава ,,Фокус” од лица вклучени во проектот, кои не се овластени да даваат официјални изјави, за сите одлуки и детали ќе било консултирано семејството на Тоше.
-Избор на главен лик, тек на настани, за сите важни детали ќе биде информирано и консултирано семејството. Проектот е во почетна фаза, но се очекуваат повеќе конкретни детали наредната недела, во неофицијален разговор открива нашиот извор.
Околу тоа кому ќе му припадне честа да го глуми Тоше, во игра биле повеќе имиња. Со оглед на популарноста на Проески, големи се и очекувањата на јавноста, а со тоа и избраниот актер ќе има огромна одговорност да го долови ликот во најверодостојно издание, онаков каков што народот го знаеше и го памти музичарот. Поради тоа, внимателно ќе се носеле одлуките за секој чекор во проектот.
И министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, објави дека согласноста од семејството на Тоше била потврдена, и тие биле подготвени да ја разоткријат неговата приказна.
Проески беше една од најголемите музички ѕвезди која Македонија ги мала последните децении. Освен како врвен професионалец, во регионот беше познат и како голем хуманитарец. Почина на 26-годишна возраст, во сообраќајна несреќа во Нова Градишка, Хрватска.
Вики Клинчарова