Во пресрет на новогодишниот дочек, се уште не се знае дали во Скопје ќе се слави организирано на плоштад, и кој евентуално би ги забавувал граѓаните кои сакаат да прослават надвор, како во речиси секоја метропола.
Единствената официјална информација од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска е дека главниот град ќе блесне до 15-ти декември, но за драстично пониска сума од онаа која секоја година се трошела за украсување.
-Некој треба да одговори како трошел по фирмички за китење годишно помеѓу 90.000 и 245.000 евра за украсување, пари на граѓаните кои завршувале во приватни џебови, а сега градот се кити за 30.000 евра-беше наведено во соопштението од нејзиниот кабинет.
Но, детали околу новогодишната забавна програма, со цел граѓаните кои сакаат да слават на плоштад да можат да планираат и да се организираат на време, се уште нема.
Слична беше состојбата и лани. Јавноста немаше детали околу тоа дали ќе има организиран дочек на плоштад, се додека ,,Фокус” една недела пред новогодишната ноќ не дојде до забавната програма и ги објави музичките гости. Како што изјавија некои од нив тогаш, програмата се криела и на музичарите им било кажано да не објавуваат детали на своите профили, за изненадувањето да биде поголемо.
Како потсетување, лани на плоштадот настапија Наум Петрески, Благица Павловска, Ферус, Мерак меана, Елена Ристеска, Ленче и Горан Кукиќ, Ристо Самарџиев и други.
По завршувањето на настапот, дел од музичарите кои настапија на плоштадот во склоп на забавната празнична програма, за ,,Фокус” изјавија дека се задоволни од атмосферата и мноштвото народ, и кажаа дека се горди што покажале дека во Македонија може да се направи добра забава и без странски музички гости.
-Како и во изминатите години, така и сега градот не ја плати програмата за прославата, туку се финансира преку приватни компании. Цела вечер на лед екранот одеа имињата на спонзорите, организацијата беше на ниво, а публиката врати со преубава енергија – ни изјави по новогодишниот дочек Горјан Стојановски од Мерак меана, кој беше дел од музичките гости.
Дали и годинава музичката програма се уште не се објавува, за изненадувањето на граѓаните да биде поголемо, нема детали. Јавноста не знае ниту дали ќе има организиран дочек, ниту пак кој ќе настапи.
Вики Клинчарова