Се уште актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски ги минал потребните институционални филтри и чека потпис од претседателот Стево Пендаровски за негово испраќање на амбасадорска служба во Париз, што значи дека Владата, на предлог на премиерот Димитар Ковачевски, треба да избере нов директор на АНБ.
Според информации на Фокус, во најсериозна конкуренција се три лица „од куќата“, односно вработени во Агенцијата. Меѓу нив се Зоран Мацкиновски, Љупчо Мреновски и Заре Милошевски. Иако се уште нема конечна одлука, според добро упатени избори, најголеми шанси му се даваат на Милошевски.
Тој е брат на Томе Милошевски, поранешен помошник-министер на одделот за обезбедување на ВИП личности и објекти, додека нивниот трет брат, Милан Милошевски, пак, своевремено беше директор на ГТЦ и вршеше други функции.
Неофицијално, Милошевски важи за близок до генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), која во 2019 година се трансформираше во АНБ, со тоа што системите за прислушување се издвоија во Оперативно-техничката агенција (ОТА).
Исто така, нашите извори посочуваат дека свој фаворит за нов директор на АНБ имал и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Станува збор за државниот секретар во МВР Магдалена Несторовска, која, сепак, ги негира ваквите информации. Воедно, како потенцијален претендент за оваа функција се споменува и шефот на одделот за крим-полиција при МВР, Оливер Лукаревски.
Инаку, дознаваме дека во политичко-безбедносниот врв веќе се отпочнати разговори и лобирање за обезбедување на поддршка за идниот директор на АНБ, при што секој влече кон својот фаворит. Од Владата кусо ни одговорија дека „во моментот кога ќе биде избран новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, јавноста навремено ќе биде известена“.
Влатко Стојановски