Кој ја изградил градинката во Тафталиџе, а кој го вршел надзорот?

Градинката во Карпош каде се урна плафон ја изградила компанијата „Инженеринг-Гроуп“ во текот на 2018 година, кога општината имала договор за вршење на надзор над реконструкција на основни училишта и реконструкција и изградба на градинки со „Урбан Стил Инжинеринг“.

by Фокус

Таванот на објектот „Јасмин“ на градинката Мајски Цвет“ во Тафталиџе 2 се урна само 3 години откако објектот беше пуштен во употреба кон крајот на 2018 година, кога тогашната министерка за труд и социјала Мила Царовска, тогашниот градоначалник на Карпош Стефан Богоев и други официјални лица истакнаа дека  капацитетот за сместување на деца е зголемен за дополнителни 150 метри квадратни.

Како што вчера објави Фокус, овој објект го градела компанијата „Инженеринг Гроуп“ од Желино, која склучила договор со Општина Карпош во втората половина на 2017 година вреден над 10 милиони денари. Цената е спуштена во рамки на електронска аукција, на која избраната компанија понудила најниска цена во конкуренција на уште 5 компании.

Досега, од компанијата не одговорија на нашите прашања дали чувствуваат одговорност за настанот, откако актуелниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски рече дека имало пропусти при изведбата на таванот. Но, реагираа од компанијата „Карапанчевски Компани“, за која беше наведено дека имала договор со општината за вршење на надзор.

Како што истакнуваат од таму, договорот што го склучиле со Карпош во септември 2016 година имал важност една година, што значи дека имал важност до септември 2017 година. Од оваа компанија потенцираат дека „ниту учествувале во изведувањето, ниту биле носители на надзорот на објектот, ниту постои документиран запис за тоа“.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, по истекот на договорот со „Карапанчевски Компани“ во септември 2017 година, Општина Карпош склучила договор со друштвото „Урбан Стил Инжинеринг“ за стручен надзор над реконструкција на основни училишта и реконструкција и изградба на градинки, кој, исто така, бил со времетраење од една година и изнесувал околу 350.000 денари.

Токму во овој период, односно во текот на 2018 година, се одвивала изведбата на објектот, па упативме прашања до компанијата што го вршела надзорот „Урбан Стил Инжинеринг“ дали за време на вршење на надзорот утврдиле одредени недостатоци и отстапувања и дали тие биле надминати? Одговорот ќе го објавиме штом ќе го добиеме.

Инаку, оваа компанија го добила тендерот за надзор над реконструкција на основни училишта и реконструкција и изградба на градинки во Карпош и во 2020 година со времетраење до 2021 година, додека во меѓувреме, односно во 2019 година, Карпош за оваа цел ја ангажирала компанијата „МГ-Проект“. И двата договори се склучени на сума од по 100.000 денари.

В.С.

Поврзани новости