Доктор Горан Кунгуловски, микробиолог од клиниката „Жан Митров“, на својот Фесјбу објави анализа во која објаснува како болеста ја поминуваат прележаните, вакцинираните и непрележаните лица заразени со корона вирус.
-Што укажуваат последните бројки за прележаните, вакцинираните и непрележаните што не се вакцинирани
Прележаните
Оние што ја прележале болеста имаат мала шанса да се заразат. Ефективноста на прележаноста кон нова инфекција (ре-инфекција) е некаде меѓу 80-95% зависно од старосната граница. Позитивниот аспект е што оваа ефективност не се намалува дијаметрално дури и после повеќе од 6 месеци; има студии каде што после 9-10 месеци останува таква. Прележаните со барем една доза на мРНК вакцина имаат 2-3 пати подобри исходи од невакцинираните прележани. Покрај тоа нивниот имун одговор созрева (барем 4-12 месеци) и може да неутрализира и идни соеви на вирусот коишто моментално не постојат.
Вакцинираните (непрележани)
Вакцинираните со две дози на мРНК вакцина имаат мала шанса да се заразат првите 1-2 месеци од примање на вакцината (ефективност околу 85-95% зависно од старосна граница). Како изминува времето оваа ефективност паѓа на 40-50% после 6 месеци и веројатно на 20-30% после 9 месеци (во зависност од старосната граница). После 9 месеци, вакцината сеуште добро се држи во однос на намалување на ризикот за смрт со просечна ефективност >80%, но за несреќа кај повисоки старосни групи се намалува на 50%, посебно кај тие над 80 години. Тоа е добар аргумент за примање на booster доза после 6 месеци кај старите, имунокомпромитирани и изнемоштени лица. [многу малку литература има за кинеските и руските вакцини, затоа не коментирам за нив].
Знаејќи го ова, прележаните треба во најмала рака да се третираат како вакцинираните: прво за да бидеме интелектуално и научно искрени и да не ги дискриминираме, второ за да ги мотивираме оние што се тестираат дома да се пријават за да влезат во официјална статистика и последователно да имаме подобар увид во епидемиолошката состојба.
Непрележаните и невакцинираните
Имаат најголем ризик за сериозен тек на болеста и смрт и треба да се вакцинираат. Посебно тие во повисоките старосни групи. Тие се луѓето коишто ги полнат и ќе продолжат да ги полнат болниците, се додека не стекнат некаков имун одговор.. Полните болници имаат два главни ефекти: помалку соодветна нега на болните од КОВИД и намалена медицинска нега на болните со други хронични болести.
Секој со својот ум и за себе и за другите.., пишува Кунгуловски.