Од Комората на музичката ндустрија, институција во која членуваат повеќе од 2.000 музичари, а која стоеше зад организацијата на новогодишниот дочек на скопскиот плоштад во изминатите две години, вчера излегоа со обвинување дека изведувачите кои учествувале во празничната програма за дочекот на 2024 година, се уште не ги добиле хонорарите од Град Скопје.
Станува збор за околу 50 учесници во програмата, која траеше две недели, кои веќе цела година не биле исплатени за својот ангажман.
Претседателот на Комората, Горјан Стојановски, за ,,Фокус” вели дека тешко им е да зборуваат на темата, бидејќи цела година се обидувале да најдат начин да им бидат исплатени средствата од Град Скопје и се труделе да не се излегува во јавност со овие немили детали.
-Не сакавме да излегуваме јавно, баравме разбран начин за да ни бидат исплатени средствата за кои имаше распишано Јавен повик, и ние како Комора аплициравме.
Очигледно, штом го правевме настанот, сме го добиле проектот со поддршка од градот. Естрадните уметници кои настапија ги добија единствено средствата обезбедени од спонзори, но од Град Скопје се уште немаат добиено ниту денар, вели претседателот на Комората, појаснувајќи дека хонорарите кои ги чекаат уметниците биле скромни суми.
Од име на естрадните уметници, апелира да не се вметнува политика во уметноста и во целиот настан со неисплатените средства.
Од Град Скопје пак, излегоа со став дека немале договор за ангажирање на музичари за 2024 година, и дека таа обврска ја превзела Комората која учествувала на јавен повик на кој истакнала дека ќе организира настан финансиран од повеќе извори.
Им порачаа на уметниците да си ги бараат парите од Комората, а најавија и тужба за одговорното лице во Комората, за како што тврдат, утврдување на одговорност и за проверка на начинот на финансирање на активности преку надлежните институции, со цел превенција на идни злоупотреби.
И од Комората исто така така најавија покренување на правна постапка, односно тужба за неисплатените средства.
Инаку, на помалку од една недела од новата година, се уште не се знае дали Град Скопје ќе организира дочек и кои музичари евентуално би ги забавувале граѓаните.
Вики Клинчарова