Кој и зошто го уби, запали и го заклучи кавадарчанецот: Граѓаните вознемирени, се плетат приказни за мотивот!

by Fokus

Смртта на 70-годишниот кавадарчанец И.М. кој беше пронајден во својот дом минатата недела, ги вознемири граѓаните. Според Обвинителството, по првичниот наод од обдукцијата, тој бил лишен од живот со повеќе убодни рани, а потоа бил запален.

Телото на убиениот беше пронајдено на осми септември, откако неговиот внук пријавил во полиција дека од куќата во која И.М. живеел сам, се ширел непријатен мирис.

За случајот од СВР Велес тогаш соопштија дека влезната врата во куќата на убиениот била заклучена, па полициски службеници во координација со вработени од ТППЕ Кавадарци ја отвориле вратата и го пронашле телото.

Граѓаните во Кавадарци, посебно повозрасните кои живеат сами, се вознемирени од настанот. Се прашуваат дали можеби мотивот за убиството се пари, а за убиениот велат дека секогаш бил имотен човек, кој подолг период живеел сам.

Се надеваат дека сторителот ќе биде откриен, бидејќи се плашеле за својата безбедност. И кавадарчани чии повозрасни родители живеат сами, велат дека по случајот, редовно ги потсетуваат родителите да ја заклучуваат влезната врата, но и да не отвораат на непознати лица.

За убиениот, во градот се прикажува дека бил разделен со сопругата која живеела во странство. И неговата ќерка не живеела во Кавадарци, а син му починал млад. Познат бил како скромен човек кој бил имотен, имал мелница и продавница за брашно. Токму поради тоа, помеѓу граѓаните е актуелна претпоставката дека мелничарот бил убиен поради пари.

Од ОЈО Кавадарци за ,,Фокус” велат дека се уште нема осомничени лица, а според тоа и не се знае мотивот за убиството.

-По првичниот увид се извршија и дополнителни увидни дејствија и се прибираат докази. Се уште немаме профил на сторителот, нема осомничен, па според тоа се уште не се знае ниту мотивот за убиството. Се преземаат интензивни дејствија за откривање на сторителот или сторителите, се вршат разговори со повеќе лица.
Околу вашето прашање за имотната состојба на жртвата, побаравме податоци од банките, ги чекаме нивните одговори, со цел да ја дознаеме состојбата, евентуални трансакции и слично. Јавноста ќе биде благовремено информирана – ни изјави Основниот јавен обвинител Елизабета Мишева Јорданова.

И додека се трага по сторителите, во Кавадарци продолжуваат да се плетат разни приказни за евентуалниот мотив за убиството кое го вознемири градот.

-Два пати проверете дали вратата ви е заклучена, не отворајте врата на непознати и не ги пуштајте внатре, без оглед на тоа што може да ви кажат. Тоа им го зборувам постојано на моите родители, пензионери, кои живеат сами, откако се случи убиството во градот. Убиен, запален и заклучен во домот, и сето тоа се случува во градот, не некаде во некоја осамена периферија! Ова се опасни времиња за живеење, велат наши соговорници од Кавадарци.

 

Вики Клинчарова

Поврзани новости