Актерката Силвија Стојановска наскоро би можела да заврши во затвор на отслужување на три ипол годишната казна која и ја пресуди Основниот кривичен суд поради делото кое и се става на товар: шверц на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија.
Пишува: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА
Таа и нејзината одбрана поднесоа жалба до Апелациониот суд со која бараат повторување на судењето или ослободување. Одлука би требало да има во следните неколку недели.
Одбраната ја спори пресудата по неколку основи. Една од причините е што, според одбраната, Судот воопшто не ги ценел доказите доставени од правосудните органи на Кралство Шпанија, кои ги поднел самиот обвинител.
Македонија и Шпанија со различни верзии за случајот
Имено, верзијата на Кривичниот суд за тоа како било извршено делото воопшто не коренсподира со онаа на правосудните органи на Шпанија. Нашиот суд во пресудата тврди дека Стојановска и нејзиониот тогашен сопруг Воислав Будисављевиќ го организирале транспортот на кокаинот од Колумбија во Шпанија.
Но, според правосудните органи на Шпанија, тие одобруваат контролирана испорака на 700 килограми кокаин од Колумбија до Шпанија која е уредно товарена во товарниот дел на авион на Шпанскиот авио превозник Иберија во придружба на таен агент на шпанската полиција.
Кокаинот е преземан на аеродром во Мадрид и складиран во полициски склад. Кога еден од осомничените во Шпанија (три лица се уапсени во Шпанија, меѓу кои и братот на тогашниот сопруг на Стојановска) му пристапува на тајниот агент да ја купи дрогата, добива инструкција да купи црни торби и да му ги даде на тајниот агент.
Тогаш дрогата од полицискиот склад е преместена во склад каде што е тестирана од осомничените во Шпанија и по два дена тајните агенти на шпанската полиција ја товарат во црно комбе и клучевите од црното комбе им ги предаваат на осомничените по што истите се уапсени.
„Мечка да им побарам на судиите, мечка ќе ми дадат.“
Адвокатот на Стојановска, Димитар Савовски вели дека од клучните докази доставени од Шпанија неспорно се утврдува дека шпанската полиција ја започнува акцијата на иницијатива на Аташето за правда на САД со цел да е разбие групата која има намера да се занимава со недозволена трговија на дрога и резултатот на акцијата требало да биде да се фати групата од Шпанија, меѓутоа во ниту еден доказ доставен од правосудните органи на Кралство Шпанија не се споменуваат Силвија и нејзиониот тогашен сопруг Воислав Будисављевиќ, сега осуден на седум години затвор.
Тоа значи дека ниту колумбиска полиција, ниту шпанската, ниту ДЕА нив ги идентифифкува како членови на групата, но ете нашето МВР со своите „супер тајни способности“, над сите три, успеа да ги препознае и открие Силвија и Воислав како учесници со што Македонија станува центар на трговијата на дрога низ Европа, вели Савовски.
На прашањето како е можно македонскиот Суд да има вакви разлики со шпанскиот, Савовски вели дека од неговото искуство се работи за состојба во која нашите судови не можат или повеќе, не смеат да им одоеат на ваквите „полициско-обвинителски, крајно злобни конструкции по принципот јавно искажан од шефицата на обвинителство: “мечка да им побарам на судиите, мечка ќе ми дадат“.
Главната активност со која Стојановска се поврзува со шверцот на дрогата е што по барање на нејзиониот сопруг отишла во Мадрид да преземе 10.000 евра од човек што му ги должел, бидејќи Будисавлевиќ имал забрана за патување во земји во ЕУ.
Според пресудата, овие 10.000 евра биле за организирање на транспортот на кокаинот.
Авокатот Савовски вели дека во предметот има цврсти докази за целта за која се потрошении овие пари, за регистрација, хомологација, ДДВ и акциза за возилото што Воислав го увезол од Р.Србија, нешто над 6.000,00 евра.
По одбивање на трошоците што Силвија ги имала за патувањето остануваат некаде 2-2.500,00 евра па излегува дека со оваа сума без никакви потешкотии се организира превоз на 700 килограми кокаин од Колумбија до Шпанија. Голем поттик за сите што сакаат, како што е наведено во обвинението “на брз и лесен начин да дојдат до лесна заработка“, вели Савовски.
„Ако се суди правилно одлуката може да биде само една“
На прашањето дали постои и минимална шанса Стојановска несвесно, без нејзино знаење, да направила некои активности кои се поврзани со делото, адвокатот вели не.
Обвинителката во текот на постапката пет пати кажа за Силвија „па што не мислела со кого се мажи“ алудирајки на криминалното досие на Воислав, па произлегува дека е судена само поради изборот на тогашниот сопруг, вели Савовски.
Тој додава дека во случајов, иако не е негов бранител, нема докази ниту против Воислав дека на бил кој начин учествувал во преносот и купувањето на дрогата што шпанската полиција ја продала на таму осомничените, па нема место за вакво прашање затоа што таа на никаков начин не учествувала во превоз на дрога од Колумбија до Шпанија.
За тоа каков очекува да биде одговорот на Апелација на поднесената жалба, Савовски вели дека тоа зависи по кое начело на кривичната постапка ќе судат: ако е по начелата непостоечки во нашиот Закон за кривична постапка – „обвинетите не ја докажаа невиноста“ и “мечка да им побарам на судиите мечка ќе ми дадат или гаќи ќе им кинам“ не им се пишува добро на обвинетите.
Ако пак судат на доказите доставени кон обвинението и во текот на постапката и основните начела на кривичната постапка дека секој обвинет се смета за невин додека не е осуден со правосилна судка одлука, врз основа на начелото in dubio pro reo и врз основа на правилна и целосна оцена на секој доказ поединечно и во нивна целина само една може да е одлуката, ослободителна за двајцата обвинети, уверен е адвокатот.
И Стојановска е сигурна во својата невиност и се надева на ослободување или во најмала рака, на повторување на судењето.
Нејзиното сведоштво за целиот случај прочитајте во утрешното интервју кое ќе биде објавено во 12 часот.