Кој го наместил активистот кој беше приведен за бомбите во средните училишта?

by fokus

Активистот, Никола Николовски кој во средата вечерта беше приведен под сомнение дека е поврзан со заканите за поставени бомби во средните училишта најверојатно некој го наместил, односно некој го злоупотребил неговото име и презиме и телефонски број во последниот мејл со закани што го испратил до училиштата.

Иако е нелогично некој да го напише своето име и презиме на мејлот со којшто се заканува, како што ни објаснуваат извори од МВР, полицијата има обврска да го провери тоа лице, но се поставува прашање дали со толкав голем број на полицајци и дали Министерството за внатрешни работи се излета со информацијата дека привела лице кое е поврзано со заканите за бомби во училиштата.

Во јавноста се создаде мислење дека МВР го фати заканувачот.

Првично, во средата од МВР соопштија дека полицијата го привела Н.Н. од Скопје поради постоење на сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во средните училишта во Скопје, за следниот ден да го пушти на слобода, а Обвинителството да каже дека не нашле никаква поврзаност на Николовски со заканите за бомби откако ги извештачиле предметите кои ги зеле од неговиот дом.

Николовски тврдеше дека над 10 полицајци го привеле и го држеле со часови во полициска станица. Сепак полицијата има можност, законски да го држи лицето 24 часа по неговото приведување, а потоа да го пушти на слобода.

-Во текот на вчерашниот ден, среде бел ден и во време на вршење на моите работни обврски бев лишен од слобода, по што до доцните часови бев држен во полициска станица, без можност за контакт со моите пријатели, роднини и најтесното семејство. Јавен распит, претрес на мојот дом од страна на 10 полицајци, меѓу кои имаше и вооружени, мое спроведување од полициска станица до дома во придружба на вооружени службеници како најголем криминалец, товарење за дело кое не сум го направил и е апсолутна невистина, напиша Николовски вчера, откако го ослободија.

Од Министерството за внатрешни работи не одговорија конкретно на нашите прашања врз основа на кои сомнежи Николовски беше приведен и зошто со часови беше држен во полиција.

-Со лицето е извршен службен разговор, во координација со јавното обвинителство извршен е претрес во дом, одземени се предмети за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од Министерството за „Фокус“.

Николовски претпоставува дека бил приведен бидејќи некому му пречела неговата работа со профилот „Боемот“.

– Моите сфаќања, ставови, бескомпромисност во борбата за подобро утре, независноста од политиката и слободната мисла. Тоа што не те убива, те прави посилен“. Затоа продолжувам со засилено темпо јавно да го искажувам моето мислење, но овој пат наместо под псевдоним ќе го додадам и моето име: Никола Николовски, напиша тој.

Сепак организацијата од каде што тој е активист, Conservative.mk стана позната во јавноста откако Николовски го приведоа. Според описот на нивната интернет страница, организацијата претставува платформа и движење базирано примарно на Идеолошки и аналитички центар која во себе спојува граѓански активисти чии примарни заложби се демократија, слободен пазар, здрава животна средина, како и активисти чија примарна идеологија е конзерватизмот и класичниот либерализам како десно или центар-десни ориентации.

Дел од Conservative.mk се активни презентери, колумнисти, активисти, социјални медиуми како Приказни од булеварот и инстаграм профилот Боемот, официјални медиуми, невладини организации како Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК, патриотски здруженија и слично. Активностите на Conservative.mk се во корелација со сите партнерски организации.

Две недели средните училишта се мета на лажни пријави за бомби, а последните беа во средата. И минатата недела девет училишта неколку дена по ред на нивните електронските адреси добиваа дојави за бомби, кои по проверката од страна на МВР се потврди дека се лажни пријави. Минстерството за внатрешни работи се уште го нема приведено и лоцирано вистинскиот заканувач.

Последно Министерот за внатрешни работи кажа дека пораките со лажните пријави за бомби во скопските средни училишта се пуштени од надвор од државата.

– Имаме сериозни индиции за тоа како се одвива целиот тој процес и во тој дел работиме максимално посветено, со помош на нашите партнери, со цел да ги прекинеме овие монструозни чинови кои предизвикуваат вознемиреност кај граѓаните, рече Спасовски.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости