Изборот за нов директор на Агенцијата за национална безбедност, по заминувањето на Виктор Димовски на амбасадорска служба во Франција, се одвива во тензична атмосфера, бидејќи различни структури во власта форсираат различни кандидати, кои, поради природата на функцијата, се под опсервација и на меѓународните партнери, тврдат добро упатени извори.
Како што веќе објави Фокус, во најсериозна конкуренција се три лица „од куќата“, односно вработени и поставени во АНБ на разни позиции – Зоран Мацкиновски, Љупчо Мреновски и Заре Милошевски. Неофицијално, најголеми шанси му се даваат на Милошевски, кој важи за близок до генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ.
Тој станува началник во поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање во 2007 година, кога директор е Сашо Мијалков, а подоцна во УБК се вработува и неговата сопруга. Се обидовме да исконтактираме со Милошевски, но тој засега е недостапен за коментар.
Инаку, тој е брат на Томе Милошевски, поранешен помошник-министер на одделот за обезбедување на ВИП личности и објекти, кој во изминатиот период често јавно ја критикуваше поранешната влада и раководство на СДСМ на чело со Зоран Заев, додека истовремено упатуваше пофални зборови кон неговиот претходник Бранко Црвенковски.
„Некои исфрустирани ликови деновиве лиферуваа информации дека Црвенковски бил виновен што СДСМ катастрофално ги изгуби локалните избори. Точно е тоа, и јас мислам така. Тој е крив што ви ја остави партијата на тацна. Тој е крив што изминативе години владеевте криминално, неспособно, арогантно, без никакви резултати, со многу скандали и циркузи…“, гласи еден од неговите фејсбук статуси, што го пренесоа медиумите.
Нивниот трет брат – Милан Милошевски, пак, своевремено бил директор на ГТЦ како кадровско решение на СДСМ, но и имал други функции. Низ медиумските архиви може да се најдат текстови дека тој во 2003 година поднел оставка од функциите заменик претседател на УО на клинички центар и претседател на НО на македонски железници, за да ја избегне концентрацијата на повеќе функции.
Исто така, нашите извори посочуваат дека свој фаворит за нов директор на АНБ имал и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Станува збор за државниот секретар во МВР Магдалена Несторовска, која, сепак, во кусата изјава ги негира ваквите информации. Воедно, како потенцијален претендент за оваа функција се споменуваше и шефот на одделот за крим-полиција при МВР, Оливер Лукаревски.
Инаку, во политичко-безбедносниот врв веќе подолго време се отпочнати разговори и лобирање за обезбедување на поддршка за идниот директор на АНБ, при што секој влече кон својот фаворит. Од Владата кусо ни одговорија дека „во моментот кога ќе биде избран новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, јавноста навремено ќе биде известена“.
Дека има разлики во владејачката структура околу изборот на нов директор на АНБ покажува вчерашниот развој на настаните во Собранието, каде владејачката СДСМ го бојкотираше предлогот на се уште актуелниот директор Димовски за избор на нов началник на АНБ. Како што брифираат извори од владејачкото мнозинство, една од причините за нивниот потег биле реакциите од надворешните партнери.
Ваквите информации доаѓаат во време кога почна да се говори и за можна реконстукција на Владата по повлекувањето на министерот за локална самоуправа Горан Милевски. Во тој контекст, објавивме дека премиерот Димитар Ковачевски имал забелешки за работата на неколку владини министри, но се правеле анализи и какви ефекти би предизвикала и евентуалната замена на Спасовски и други министри кои подолго се на функциите.
Влатко Стојановски