Општините Чаир, Бутел и Кисела Вода јавно го обвинија јавното претпријатие „Комунална хигиена“ кое е под Град Скопје дека нередовно го собира ѓубрето во овие општини, додека пак градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски поднесе прекршочна пријава против претпријатието за ненавремено и нередовно собирање на отпадот во Општината.
Прекршочната пријава е поднесена од страна на советник комунален инспектор во Општина Кисела Вода, по направен вонреден инспекциски надзор на територија на Општината, а по претходно добиена пријава од граѓани.
Во пријавата се наведува дека комуналниот инспектор ќе издаде прекршочен платен налог во висина од 1 500 евра.
-Досега неколку пати алармирав до градските институции, со дописи, телефонски, но очигледно нашите реакции како општина и оние на граѓаните на Кисела Вода не успеаја со проактивност од страна на ‘Комунална хигиена’ кое сите граѓани на Скопје го плаќаме. Бидејќи во нормална комуникација немаме никаква реакција, во текот на изминатите денови испративме комунален инспектор да ја провери состојбата на терен. Увидовме дека ситуацијата е катастрофалната и поради тоа понесовме прекршочна пријава до „Комунална хигиена“ и ова ќе биде наша пракса и следните денови ако состојбата на се подобри, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Од претпријатието пак на Ѓорѓиевски му порачаа да престане со валканите политички игри.
-И самиот сте добро запознат дека отпадот во Општина Кисела Вода се собира и транспортира континуирано и секојдневно без никаков застој, според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комунален отпад од подрачјето на Град Скопје. Во текот на јуни на територијата на општината се подигнати и транспортирани приближно 1 400 тони комунален отпад. Континуирано се реализираат и рачно и машинско метење, машинско миење на булеварите со употреба на автоцистерни,
се вели во реакцијата на ЈП „Комунална хигиена“.
Тврдат дека минатиот месец биле расчистени и 100 кубни метри отпад од голем број диви депонии на територија на општината и велат оти дека досега требало да бидат поднесени пријави против оние што секојдневно ја загадуваат животната средина и го загрозуваат јавното здравје преку несовесно и непрописно одлагање огромни количества отпад на јавни површини.
Според нив, несовесни поединци во последните неколку месеци тенденциозно се занимаваат со непрописно одлагање отпад и загадување на животната средина, со цел да ги доведат во прашање компетентноста и ангажираноста на екипите на „Комунална хигиена“.
Според „Левица“ скопјани со право реагираат дека Скопје никогаш не било понечисто од сега. Велат дека цената за кавгата помеѓу советниците на ВМРО ДПМНЕ и Градоначалничката Арсовска ја „плаќаат“ граѓаните. Иако сме веќе во седмиот месец од годината, Програмата за Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ сè уште не е изгласана, па оттука комуналното претпријатие не може да работи, тврдат тие.
-Советниците од ДПМНЕ иако имаат мнозинство во Градскиот Совет, заради целта да ù наштетат на угледот на Градоначалничката Арсовска, која притоа беше нивни кандидат за градоначалник, не даваат согласност ниту една од програмите на јавните претпријатија во Град Скопје да бидат изгласани. Заради ова, претпријатијата се хендикепирани, не можат да функционираат нормално и додека граѓаните се незадоволни од услугите за кои плаќаат, сè повеќе работници и стручни кадри ги напуштаат иститие.Резултатот на одмаздољубивоста на ДПМНЕ кон сопствениот кандидат за градоначалник – Арсовска е целосен колапс на Градот! Де факто, Градот не само што сериозно го наруши угледот на институцијата Градоначалник, туку го наруши секојдневието на Скопјани, кои наместо да ги добиваат услугите за кои плаќаат, тие добиваат лош дневнополитички театар.
Програмите на јавните претпријатија ќе се најдат на дневен ред и на следната седница на Советот на Град Скопје.
Советниците на „Левица“ апелираат на вразумување на советниците и разбирање на тоа дека нивната улога е да ги заштитат интересите на скопјани.