Кој е Томе Блажески, претседателот на бугарскиот клуб во Охрид?

by Фокус

Охриѓанецот Томе Блажески е актуелен лик откако денес во Охрид се отвори бугарскиот клуб ,,Цар Борис Трети”. Пошироката јавност за него слушна од неодамна, кога лани во ноември го регистрираше истоименото здружение и официјално, се претставува како претседател на истото.

За него, охриѓани со кои разговараше ,,Фокус” велат дека се изненадени што се решил во градот да отвори клуб именуван според контроверзна историска личност. Го опишуваат како семеен човек, татко на две малолетни деца, кој заработувал за живот продавајќи маски и додатоци за мобилни телефони на тезга.

-Неговите родители пред повеќе од 20 години останаа без работа и си заминаа во Канада. Колку што знаеме, и Тони еден период беше таму. Не знаеме зошто се врати во Охрид, продаваше маски за мобилни телефони на тезга, а потоа некако навлезе во друштво со луѓе кои посредуваа за бугарски пасоши. Започна да се занимава со бугарски историски книги, им ги нудеше на сограѓаните. Сите не изненади ова што се случува. Револтот не ни е поради отворањето на бугарски клуб, туку поради именувањето на клубот според контроверзна личност, сметаме дека тоа е директна провокација за нашиот народ – велат нашите соговорници.

Охриѓанец пак, кој се познавал со родителите на Тони, вели дека кога видел како тој длабоко навлегол во историските книги кои ги донел од Бугарија, најдобронамерно му рекол да се обиде да си најде стабилна работа, бидејќи има семејство за гледање.

-Имаш стара куќа во Трпејца, реновирај ја, направи апартмани, најди си сигурни приходи во животот, ако веќе не одиш во Канада. Зошто вака да го вознемируваш народот? Си можел на клубот да му дадеш друго име, има во Бугарија многу културни великани, ова со Цар Борис Трети е голема провокација, му реков. Но, не слуша, зрел човек во своите триесетти години е, што можат неговите сограѓани повеќе да направат? – вели нашиот соговорник, кој денес беше на протестот против отворањето на клубот во Охрид.

Додава дека речиси сите кои излегле на протест биле со ист став, дека немале ништо против бугарски клуб, но не со името Цар Борис Трети или пак било кој контроверзен историски лик.

-Ако некој читал книги, па еден ден се разбудил како Бугарин, тоа е негова работа и негово право. Но, наше право е отворено да кажеме дека сме против именување на клубови според ликови поврзани со фашизмот- реагираат охриѓани.

Од МВР пак, уште вчера апелираа до јавноста на достоинствено однесување, втемелено врз почитта кон правото на сите граѓани, без разлика на својата етничка припадност, да ја остваруваат својата уставно загарантирана слобода на здружување и за слободно изразување на својот став.

Вики Клинчарова

Поврзани новости