Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ми соопшти, а јас тоа му го пренесов и на нашиот премиер Димитар Ковачевски, дека Франција како претседавач со ЕУ ќе направи модификации во предложениот текст на преговарачката рамка, информира шефот на државата Стево Пендаровски од Мадрид, додавајќи дека овој предлог е далеку подобар за нас од претходниот.
– Не станува збор за нов предлог. На две-три места во предлогот има модификации кои тие ги направија во консултација со двете страни. Меѓутоа, ние рековме да не ја повториме грешката од минатиот пат, не може никој – не претседател, не премиер – никој не може да зборува во име на цела нација, на цела држава, постојат надлежни институции кај нас. Ние не сме не знам која држава од трети, четврти свет. Мораме тоа што е сега модификуван француски предлог да го искомуницираме, се разбира прво во Владата, коалициските партнери да си го искомуницираат, мора да се искомуницира со македонската јавност и мора да се искомуницира со македонскиот Парламент, вели Пендаровски во изјава за Сител.