Кој е овде луд?

by Фокус

Сведоци сме на тоа како завршија и ќе завршат „судските постапки“ против Мијалков, Груевски, Камчев итн. но сведоци сме и за отсуството на било какви правосудни постапки за осведочен криминал во редовите на други партии. Затоа и нема и не може да има друг заклучок освен дека во „оваа држава“ организираниот крупен криминал се исплаќа.

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Една стара поговорка (иронично) вели: будалите садат дрва, а паметните ги сечат!

Преведено на нашите актуелни денешни состојби тоа значи дека будалите плаќаат даноци, дисциплинирано и трпеливо работат, додека „паметните“ се борат за власт која им обезбедува услови непречено и неказниво да крадат.

Притоа не станува збор само за начини и методи на крадење кои се одликуваат со бандитска дрскост, туку и оние начини и обиди за крадење на пари од Буџетот на РСМ за кои зборува директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

Не помалку дрски и општествено опасни се и облиците на кражба на пари преку најразлични тендери со кои директно се оштетува Буџетот, но и облиците на кражба на пари од Буџетот, фирмите и граѓаните со и преку незаконски судски пресуди.

СЛОЖНИ БРАЌА ЗАЕДНО КРАДАТ

Таквата состојба во државата на најдиректен и очигледен начин го поставува прашањето – кој е луд во оваа држава!?

Граѓаните кои се уште, почитувајќи ги законите, дисциплинирано и уредно плаќаат даноци и со тоа го остваруваат својот придонес во подмирувањето на заедничките и општите општествени потреби, или, пак, оние граѓани и политички властодршци кои не плаќаат даноци, но затоа на нелегални, полулегални и незаконити начини ги грабаат тие пари?

За колку пари станува збор во „оваа држава“ никој и никогаш нема да каже. Прво затоа што за таа тема не сака никој да зборува и, второ, затоа што станува збор за темна бројка.

Нема дилеми дека ваквата состојба е директна последица на воспоставениот систем на владеење на неказнивоста, криминалот и корупцијата во државата од страна на сите актуелни власти. Она што е погубно за граѓаните и државата е целосната спрега и меѓусебна поврзаност помеѓу извршната и судската власт.

На сцена е неформален сојуз помеѓу криминалците од извршната и правосудната власт за нивна меѓусебна толеранција и неказнивост. Што би рекол народот, сложни браќа, независно од нивната партиска припадност, заедно крадат.

За нив граѓаните се само овци за шишање, кои треба да плаќаат даноци и да молчат. Единствено во време на избори ќе се сетат на нив, но и тогаш на граѓаните не се гледа како на индивидуи туку само како на гласачи кои треба да бидат формално – правно покритие за тоа кој во наредните четири години ќе ги ограбува.

КРИМИНАЛОТ СЕ ИСПЛАЌА

Таквата состојба повторно го поставува прашањето: Кој е луд во оваа држава? Политичарите и властодршците од сите партии и облици на власт кои немилосрдно крадат или, пак, граѓаните кои сето тоа со години го трпат!?

За жал, кога ќе се соберат и одземат сите моменти, крајниот резултат е штетен по граѓаните. Се виде дека партиските и политичките „лидери“, независно од нивната партиска различност, солидарно и беспоговорно си ги штитат своите лични интереси.

Сведоци сме на тоа како завршија и ќе завршат „судските постапки“ против Мијалков, Груевски, Камчев итн. но сведоци сме и за отсуството на било какви правосудни постапки за осведочен криминал во редовите на други партии.

Затоа и нема и не може да има друг заклучок освен дека во „оваа држава“ организираниот крупен криминал се исплаќа, но само под еден услов – да се има реална моќ во пари и влијание.

А тоа во Република (Северна) Македонија можат да го обезбедат само политичките партии и никој друг.

Поврзани новости