,,Коректен и стабилен. Има добри познавања од правото”.
Вака дел од колегите го опишуваат Љупчо Коцевски, единствениот кандидат кој остана во трката за наследник на Љубомир Јовески, односно за нов републички јавен обвинител.
Вчера само тој го помина филтерот на Советот на јавните обвинители, односно доби позитивно мислење, а трката запре за обвинителките Фатиме Фетаи и Лидија Раичевиќ. Сега на потег е Владата, односно таа треба да реши дали Коцевски ќе го предложи за реублички, по што изборот би се преселил во Собранието.
Кандидатот Коцевски е познат меѓу своите колеги, но неговото име е непознато за пошироката јавност. Се знае само дека обвинителот е со долгогодишна кариера и е веќе пред пензија.
Тој во адвакатурата бил 16 години, а во 2008 година бил избран за виш јавен обвинител во Гостивар. Пред повеќе од две години е унапреден и станува еден од десетмината обвинители во републичкото обвинителство.
Со остар коментар на фејсбук излезе професорот Гордан Калајџиев.
-Не може повеќе вака!! Сега кога сме на работ на бездната, Јавното обвинителство не може да го водат анонимни полуписмени медиокритети, напиша Калајџиев.
Членовите на Советот пак имаа само пофални зборови за него.
-Не случајно како Совет го избравме за јавен обвинител. Мислам дека се работи за најсериозен кандидат, треба да добие позитивно мислење и посакувам да биде избран, од причина, што мислам дека може да се носи со функцијата и дека може да ги сплотува состојбите во Обвинителството и тоа да може да работи, рече Иџет Мемети.
Антонио Јолевски, за Коцевски рече дека покрај стручниот дел, се цени и делот на менаџерски и организациски способности.
-Таму ни треба комплетна личност што ќе може да одговори и Љупчо Коцевски ги има поминато сите хиерархиски позиции и има добро познавање на состојбите. Мислам дека има коректен однос со сите вработени, што сметам дека е многу важно. Ќе го поддржам и мислам дека овој кандидат заслужува да биде избран, изјави Јолевски.
Влатко Георгиевски појасни дека Коцевски, освен што ги извршува редовните обвинителски функции, раководител е и на одделение за метаподатоци, што е исклучително тешка и одговорна работа и е претседател на дисциплинска комисија и сето тоа зборува дека поседува извонредни организаторски способности за да биде успешен.
Претседателката на Советот, Димитриеска, рече дека се работи за личност со интегритетот, етичност и стручност за функцијата што ја извршува.
-Коцевски е јавен обвинител што гради добри односи со колегите и има добри организаторски способности. Сметам дека ги исполнува сите услови и успешно ќе ја извршува функцијата, рече Димитриеска.
Во досегашната обвинителска историја на државата, на чело на државното обвинителство секогаш стоел маж, и тоа вкупно осум на број.
Валентина Вурмо