Кој е лекот за национализмот?

by Фокус

Лекот за национализмот го има „пропишано“ еден од најпочитуваните англиски есеисти и романсиери, Џорџ Орвел во „Белешки за национализмот“(1945), каде што вели „патриотизмот е вакцинација против национализмот“, затоа што тој не гладува, ниту копнее за моќ, затоа што по својата природа е заштитнички и инклузивен за различностите

Пишува: Фатмир БИТИЌИ

Политичкиот контекст во кој се наоѓа нашата држава и кој ја нагласува потребата од преземање одговорност за донесување стратешка и суштинска одлука за иднината, одредени политички кругови ги вознемирува.

Помислата дека државата еден ден ќе биде дел од поширокото европско семејство ја препознаваат како закана за својата политички конфорна зона, во која сеништето на национализмот лута и мобилизира.

Последните неколку месеци сведочиме на зачестена реторика, која сака да нѐ потсети дека политичката идентификација со едно претходно време опстојува, но и се бори да се прошири.

Наместо градење цврсто дефинирани политички ставови што ќе бидат демократски влог во иднината и зајакнување на виталноста на мултиетничкиот карактер на државата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ се впушти во политичка акробација на спојување истражна постапка за „Скопје 2014“, со наводна намера за загрозување на идентитетските обележја на македонскиот народ.

„Продолжува на тој начин да се негира македонскиот идентитет зашто така се фрла сенка на идентитетските обележја“, гласи тезата на опозициската партија, како одговор на случајот „Феникс“, што е чиста фикција, која е својствена за национализмот, а која во себе содржи разорни потенцијали за општествената кохезија, затоа што има намера да поттикне чувство на временски продолжено незадоволство и егзистенцијален страв кај дел од граѓаните.

Фикцијата претендира на разединување затоа што во себе развива и наратив на „ние наспроти нив“, што се препознава во повикот да се „појде до споменикот во Слупчане и таму да прашате кој ја дал дозволата за градба“.

Во оваа политичка дихотомија може да се препознае очекување дека кај дел од „нашите“ граѓани, „идентитетските тешкотии и кризи“ ќе предизвикаат желба за промена, а која политички ќе може да биде инструментализирана.

Изборот на споменици, како повод за оваа акробација на проектирање скриени и национално загрозувачки мотиви, е во дослух со национализмот, кој постојано е во потрага на материјални основи на својот политички фолклор.

Освен тоа што реалноста и фактите имаат второстепено значење, за националистите релативизирањето е врховен принцип, кој во својата еластичност се применува на што и да се посака.

Во контекст на јавната дебата за уставните измени, вознемирените политички кругови во јавноста предложија примена на хрватската преамбула, затоа што „со тоа, Македонија ќе го промени мултиетничкиот карактер во унитарен и аналогно на тоа Македонија ќе е држава на македонскиот народ и држава во која припаѓаат националните малцинствата, кои живеат тука…“.

Фикцијата овде добива и тон на псевдонаучна уставна педантност, затоа што „мултиетничноста“ не може да биде промената во „унитарност“, станува збор за две сосема различни категории, кои меѓу себе не може да се поврзуваат, ниту заменуваат или меѓусебно исклучуваат.

НАЦИОНАЛИЗМОТ ПОД ПАТРИОТИЗМОТ

На националистичките повици од мрачните ходници на Белата палата одговори „независна“ пратеничка, која по три години во Собранието се вознемири од двојазични документи и се одлучи на последните пратенички прашања да го проблематизира правото да зборувам на мојот мајчин, албански, јазик исто како што го зборувам македонски јазик, а што го правам, не поради права или обврски, туку поради почит кон моите сограѓани, кон нивната идентитетска различност и посебност.

Со политичките ставови вкоренети во нетолеранцијата кон различностите, опозициската партија претендира да владее со држава, во која токму тие се нејзиното најголемо богатство.

Во потрагата по нејзината политичка легитимација останува далечна и непозната потребата за развивање атмосфера на толерантност и подготвеност да се прифатат различностите, како едно нормално и незаканувачко опкружување, кое животот на секој граѓанин го збогатува, а не го загрозува.

Постојат обиди да се дојде и до нов извор на витална енергија за национализмот и преку негово подредување под патриотизмот, односно дека „национализмот е само дел од формата на патриотизмот“.

Преку ова релативизирање на разликите се манифестира политичка намера да се доведат во коегзистенција, односно во ситуација во која едниот покрај другиот може политички да опстојуваат, да не се исклучуваат како мотиви за политичка мобилизација на граѓаните. Но, национализмот и патриотизмот се различни и спротивставени поими.

Лекот за национализмот го има „пропишано“ еден од најпочитуваните англиски есеисти и романсиери Џорџ Орвел во „Белешки за национализмот“(1945), каде што вели „патриотизмот е вакцинација против национализмот“, затоа што тој не гладува, ниту копнее за моќ, затоа што по својата природа е заштитнички и инклузивен за различностите.

Немајќи разбирање за различностите, национализмот ги класифицира, ги нагласува, не со цел да ги интегрира, туку да ги исклучи од „замислената заедница“ во која политичкото и националното, во етничка смисла, ќе се поклопуваат и ќе ја демонстрираат сопствената супериорност и престиж во однос на другите.

ПОЛИТИЧКИ ПРОВИНЦИЈАЛИЗАМ

Национализмот е идеологија, која е етноцентристички настроена во промовирањето и зачувувањето на културата, јазикот, вредностите и интересите, поттикнува чувство на нетолеранција кон сите оние што се доживуваат како различни во која било идентитетска посебност. Национализмот затворен во своите нагласени граници ја попречува регионалната и глобалната соработка, го попречува напредокот на општеството, а уште повеќе се турка во апсурдна ситуација во која ги поништува сопствените способности за вклучување во справување со глобални предизвици, кои и нему му се закануваат, како на пример што се климатските промени.

Патриотизмот, од друга страна, опфаќа многу поинклузивни политички ставови и уверувања, ги цени заедничките вредности, ги разбира различностите и меѓу нив промовира чувство на единство и социјална кохезија, негува средина на почит и дијалог меѓу различните групи.

Патриотизмот ги поттикнува граѓаните активно да учествуваат во демократските процеси, да придонесуваат за благосостојбата на општеството и да работат на подобрување на сите граѓани, независно од различностите.

Патриотите ја препознаваат меѓусебната поврзаност на нациите и потребата за соработка за глобалните прашања и предизвици. Патриотите не ја попречуваат интеграцијата на својата држава во регионални и глобални политички сојузи, туку ја охрабруваат, љубовта кон својата татковина ја прошируваат надвор од нејзините граници и демонстрираат подготвеност да споделуваат ресурси и знаење и со припадници на други нации.

Сеништето на национализмот излегува од својата сенка и се обидува да го ткае платното на нашиот колективен живот во негативни и дихотомни категории, да нѐ зароби во политичкиот провинцијализам. Во овој чин, кој почнува да се одигрува на политичката сцена, индиферентноста не е избор.

Политичкиот молк или отсуството на став во својата пасивност дејствува, тоа е заблуда која во јавноста му ослободува простор на националистичкиот дискурс да ја манифестира својата претензија кон „чистота“.

Време е да бидеме патриоти и да се обединиме во различностите, да ја препознаеме граѓанската должност и одговорност за благосостојбата и кохезијата на целото општество.

(Авторот е потпретседател на СДСМ)

Поврзани новости