Жителите на Водно, чии радијатори останаа ладни иако почна грејната сезона, открија сомнителна продажба на топланата и резултираше со договор, според кој, граѓаните ќе треба да му плаќаат на контроверзниот Кастиљо месечно по неколку илјади евра. За да не му текне пак да остави неколку илјади жители без парно среде зима
Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Во време на воениот конфликт во 2001 година, кумановци два месеца останаа без вода откако припадниците на тогашната УЧК ја стопираа водата.
Затворањето на вентилите на Липковската брана беше хуманитарна катастрофа, кога 120 илјади жители на Куманово без своја вина немаа капка вода. Случајот остана познат како „Липковска брана“.
Денес, пак, кога во Македонија нема воен конфликт, неколку илјади жители на Водно една недела останаа без парно греење, повторно без своја вина со уредно платени сметки.
„Вентилите“ овојпат ги држеше Ангел Антониот Кастиљо Родригез. Неговото име звучи баш мексикански, а медиумите пишуваат дека има и македонско државјанство.
Роден во прилепското село Дебреште, село кое во минатото имаше мнозинство македонски муслимани – Торбеши.
– Тој не е никаков Мексиканец, едноставно решил да си го смени неговото име и презиме – вели за „Фокус“ неговата долгогодишна соработничка Невена Димковска.
Како што кажува таа, долги години работел во Јужна Америка каде е и сега и освен македонско има државјанство и од Костарика.
Додека тој е во Јужна Америка, ЕСМ дистрибуција со денови не можеше да влезе во топланата на Водно за да направи подготовки за грејната сезона бидејќи новиот сопственик не им дозволуваше.
Топланата каде што поминуваат клучната топловодна мрежа од лани е продадена на фирма на семејството Кастиљо, па сега тој треба да покаже добра волја за жителите на Водно да имаат парно до крајот на грејната сезона.
Парцелата што се наоѓа на Водно, на улицата Питу Гули, во близина на Полската амбасада, според податоците од Катастарот на недвижности, е во сопственост на фирмата „Актрус Вентурес ДООЕЛ“, чиј сопственик, пак, е синот на Кастиљо, Алан.
Имотот на топланата бил купен во 2022 година на јавна лицитација по стечајната постапка на „АД Топлификација“.
Кастиљо бил единствениот понудувач, па имотот, машините и опремата внатре во објектот ги купил по двојно пониска цена од проценетата, односно за 10 милиони денари.
Стечаен управник на „АД Топлификација“ е Богољуб Макревски, кој го продал имотот врз основа на одлука на Одбор на доверители и претходно извршена проценка на имотот.
Во телефонски разговор за „Фокус“, Макревски вели дека објектот бил продаден на јавно наддавање и со согласност на ЕСМ дека ќе ја дислоцира топловодната мрежа.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.