Кој е Кастриот Реџепи: Прозападен политичар кој никогаш не стана исламски екстремист

by fokus

Пратеникот Кастриот Реџепи деновиве е главен лик на политичката сцена откако во четвртокот не се појави во Собрание и поради него пропадна обидот на здружените опозициски партии да ја урнат владата, односно да обезбедат 61 пратеник за изгласување нејзина недоверба. Овој чекор на Реџепи го сврте вниманието на јавноста за тоа кој е Кастриот Реџепи од Беса кој досега се доживуваше само како пратеник од една од опозициските албански партии.

Според информациите на Фокус, Реџепи потекнува од учителско семејство од ресенско-преспанскиот крај. Тој е дипломиран економист од Тетовскиот универзитет, но се образувал и во САД, а неговата наклонетост кон политиките на оваа светска сила ги потврди и откако на својот Фејсбук профил напиша „Господ да ја благослови Америка“, по црвениот картон што му го даде лидерот на Беса Биљал Касами.

ПОВЕЌЕ ОД 10 ГОДИНИ БИЛ ВО ХОЛАНДСКАТА АМБАСАДА

Работел во невладини организации, но повеќе од 10 години бил консултант во холандската амбасада, каде биле колеги со вицепремиерот Артан Груби од ДУИ. Освен заедничката работа во холандската амбасада, двајцата проевропски и про-НАТО ориентирани политичари, живеат и во истата скопска населба, Чаир, каде Реџепи беше и кандидат за градоначалник на Беса на последните локални избори.

Своевремено, тој се приближил и до некои невладини организации, кои застапуваа одредена исламистичка агенда, промовирајќи ставови и вредности на Исламот. Но, како што велат нашите добро упатени соговорници, Реџепи никогаш не станал екстремист, за што почнаа да го обвинуваат дел од медиумите откако поради него пропадна обидот за уривање на Владата.

Откако во Собрание се прошири информацијата дека пратеникот кој го нема е Кастриот Реџепи, опозициските партии почнаа да објавуваат сомнежи во јавноста дека е киднапиран, додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го спореди Реџепи со покојниот пратеник Амди Бајрам.

Лидерот на Беса, Касами, кога во четвртокот се појави во Собрание по веста дека го нема Реџепи, рече дека не е изненаден од неговиот потег. Но, тој истовремено кажа дека последен пат се слушнале во средата, ден пред гласањето на недоверба на владата, кога, според Касами, ставовите на Касами за уривање на владата не биле променети.

ПОРАНЕШНИОТ СОПАРТИЕЦ ГО НАРЕЧЕ ПРЕДАВНИК

-Се додека не излезе да каже дека ова е негов доброволен  став, јас како човек и како претседател на Беса имам право да се сомневам дека тој против својата волја се држи некаде и не може да дојде во Собрание ниту да излезе пред јавноста да каже дека ова е негов доброволен став, рече Касами на прашањето дали се сомнева дека Реџепи е присилен да ја смени позицијата.

Скендер Реџепи – Зејд, еден од четворицата пратеници од Алтернатива, пак, го осуди, како што рече, предавничкиот чин на Реџепи. За потсетување, едниот и другиот Реџепи беа сопартијци во Беса, пред да се случи внатрепартискиот раскол, кога Зејд премина во новоформираната Алтернатива на Африм Гаши, а Кастриот Реџепи реши да остане со Касами.

– Последната комуникација со него ми беше пред четири години, кога се раздвоивме од Беса. А тој што ќе те предаде еднаш, ќе те предаде секогаш – рече Реџепи – Зејд.

Како што е познато, Реџепи беше меѓу предлагачите на измените на Законот за лични карти, кој предвидуваше во овие документи да може да стои и етничката припадност на граѓаните. Овој предлог-закон премиерот, Зоран Заев го договори со Беса уште во минатиот собраниски состав, кога Касами беше во опозиција, но даде поддршка за уставните измени за промена на името. Но, законот го блокираше Левица и не стигна на расправа во Собранието.

РЕЏЕПИ ИМАЛ СИЛНИ СИГНАЛИ ОД САД И ЕУ

По најавената оставка на Заев од лидерската и премиерската функција поради поразот на локалните избори, политичката криза почна да се зголемува откако Аријанит Хоџа од Беса, партија која беше дел од владејачката коалиција, најави дека ќе преминат во опозиција, бидејќи ДИК го усвои приговорот на ДУИ и донесе одлука да се прегласува во Желино, каде победи кандидатот за градоначалник од Беса.

Потоа опозициските партии објавија дека имаат мнозинство за уривање на владата и поднесоа иницијатива до Собрание. Сепак Реџепи ги извиси, а потоа објави Фејсбук статус и видео.

-Една од главните причини за мене и за политичкиот субјект Движење Беса на која припаѓам е евроатлантската интеграција на Македонија. Со оглед на политичкиот моментум, по одложувањето на оставката на премиерот Заев, за доброто на процесот и силните сигнали од стратешките партнери САД и земјите од ЕУ кои ми беа доставени од високи дипломатски претставници, дека во декември земјата најверојатно ќе добие датум за преговори, решив да не учествувам на собраниската седница, напиша Реџепи.

Пред да се гласа недоверба на владата, во посета на земјава и на средба со премиерот Заев беше холандскиот премиер, Марк Руте кој даде оптимизам дека земјава во декември ќе ги почне преговорите за влез во ЕУ. Одредени неофицијални информации говорат дека холандскиот премиер се сретнал и со Реџепи. Сепак, познавачите велат дека,  ако се работи за надворешно влијание врз пратеникот, тогаш, според нив, пресудно било она од САД. За понеделник Реџепи најави прес-конференција на која ќе ги одговори сите отворени прашања.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости