Веќе подолг период маестро на гитара, Влатко Стефановски, настапува заедно со својот син Јан кој го придружува на тапани, и со Иван, 22 годишно момче, кое се покажа како одличен мајстор на бас гитара. Триото се појави на повеќе настапи, како предгрупа на Стинг на големиот концерт на Градски стадион во Скопје, но и на многу други манифестации.
Околу тоа кој е Иван, кој е дел од впечаливото музичко трио, ,,Фокус” открива овеќе детали. Се работи за момче кое потекнува од познато семејство на музичари и кое буквално израснало со музика и настапи.
Во неговата родна Струмица, нема кој не го знае него и неговите родители, но за дел од пошироката јавност во земјава веста дека Иван е син на Ленче и Горан Кукиќ дојде како изненадување. Брачниот пар кој со децении настапува со групата Јупитер и зад себе има бројни успеси на многу фолк фестивали, концерти, албуми и регионални награди, открива дека патот кој го избрал нивниот син единец за нив е голема среќа и се гордеат со него.
Ленче, која моментално е актулена во регионот со победата во шоуто ,,Никогаш не е доцна” вели дека сепак, генот си го направил своето.
-Иван е дете пораснато со музика. Ако повеќето мали деца во продавница бараат да им купиш играчка, со него тоа не беше случај. Секогаш посакуваше да му купиме некој музички инструмент, сите игри му беа пропратени со музика. Најверојатно, генот од двајцата родители допринел во него да расте музиката. Со тек на време, кога требаше да се определи за идното школување, тој се одлучи за бас гитара и контрабас. Со талентот и работата дојде до тоа што во моментот го доживува. Соработката со Влатко Стефановски за него е едно богато искуство кое секој млад музичар би го посакал. Настапите се полнење на убави моменти во неговата музичка кутија и ние со Горан се гордееме на неговите успеси – ни раскажа Ленче.
И Иван вели дека е среќен поради соработката со Стефановски. Благодарен е што ја има шансата да биде дел од триото, а за Влатко не штеди пофални зборови. Професионалноста, позитивната енергија и начинот на кој маестрото правел тој и Јан да се чувствуваат сигурни во тоа што го прават на сцената, за него биле од голема важност.
-Потекнувам од музичко семејство и уште од мал ја имам љубовта кон музиката, свирам на повеќе инструменти бас гитара, контрабас, клавир, гитара и народни инструменти. Ги сакам сите инструменти бидејќи секој инструмент си има своја убавина, а мој омилен инструмент е бас гитарата. Уште како мал слушав секаков вид на музика и денес не можам да се определам стилски. Сакам се што е убаво и да го слушам и да го интерпретирам. Пресудниот момент за да почнам да свирам бас гитара беше доста интересен, кај нас во студиото се снимаше еден материјал каде што мојот чичко свиреше бас гитара и имаше една нумера каде што басот имаше фантастична линија интерпретирана од чичко ми и јас буквално секој ден го слушав тоа. Еден ден ми дојде идеја да ја земам гитарата од чичко ми и да пробам јас да го свирам истото. Со многу труд успеав во тоа и од тогаш бас гитарата ми стана прв инструмент – раскажува Иван.
Додава дека е благодарен поради големата поддршка од родителите, на кои секогаш можел да се потпре.
-Моите родители се мојата најголема поддршка и секогаш најдобрите совети ги добивам од нив. Со маестро Влатко Стефановски стапивме во контакт преку еден наш заеднички пријател и така после некое време Влатко дојде до идеја да ме покани да бидам гостин на неговиот концерт во Нови Сад. Тоа за мене е едно прекрасно искуство и голема чест што имав прилика да свирам заедно со маестро Влатко Стефановски. Пресреќен сум што таа соработка продолжува. На секој досегашен настап маестро Влатко Стефановски со неговото огромно искуство и квалитет на најпрофесионален начин не охрбрува и ни шири една прекрасна енергија и позитива да се чувствуваме сигурни во тоа што го правиме. Имам секогаш позиривна трема и за време на настапите чувствувам голема одговорност – вели Иван Кукиќ.
Вики Клинчарова