Кој е Драган Митковски, соработникот во сенка на Арсовска?

by Fokus

Веќе подолг период вратите на Град Скопје се затворени, а градоначалничката Данела Арсовска постави своја екипа во која има целосна доверба. Поточно, луѓе кои и го штитат грбот. Не остави ништо на случајност, па се што сметаше дека може да и наштети во „работењето“ доби црвен картон.

Повеќето од екипата на актуелната градоначалничка доаѓаат од редовите на Сојузот на стопански комори, со кој таа долг период менџираше. Всушност, тоа се луѓе кои секогаш ги застапувале нејзините ставови и правила. Некои официјално се вработени и се поставени на раководни функции, но има и такви, кои не фигурираат никаде, но зад затворени врати ја „подучуваат“ како да менаџира со Градот.

Повеќе од година ипол во јавноста кружат муабети дека еден од најблиските соработници од сенка на актуелната градоначалничка  е Драган Митковски, за што потврдуваат и јавно објавените фотографии, каде тие често можеа да се забележат на заеднички настани.

Нивната бизнис-соработка почнува уште многу одамна, поточно во 2014 година јавно се официјализира, откако Арсовска, тогаш претседателка на Сојузот на стопанските комори предлага до Управниот одбор и тие едногласно ги избираат Сеад Кочан за заменик-претседател на ССК и Митковски за потпретседател на финансии.

Тој е и првиот претседател на Комората на сметководители во ССК формирана во 2009 година на негова иницијатива и воедно сопственик на компанијата „Митковски ММ“, која е лоцирана во скопски Ѓорче Петров, каде што живее и семејството Арсовски.

Дека нивната соработка трае со години покажува и фотографијата објавена во јули 2021 година, кога делегација на ССК заминува во посета на Хрватска, а дел од делегацијата предводена од Арсовска е и потпретседателот Митковски.

Сепак, неговата кариера во Сојузот на стопанските комори завршува пред две години, односно во периодот кога до раководството стигаат закани и некој го пали возилото на извршната директорка, а за што, како што објавивме, на разговор во полициска станица на 12 мај годинава е повикана токму Арсовска.

Во обвинителството веќе има формирано предмет по кој се постапува. Според нашите информации, претседателот на ССК формирал комисија од членови, кои го разрешуваат Митковски од функцијата.

Меѓутоа, тоа не се единствените функции што ги имал, па така тој одреден период бил и потпретседател и на фудбалскиот клуб Македонија Ѓорче Петров, а бил и претседател на комисијата за финансиско работење на Фудбалската федерација на Македонија.

Митковски доаѓа од скопската населба Ѓорче Петров, каде што, како што објаснуваат тие што ги познаваат, во детските денови другарувале со Никола Груевски.

Тој во последниот период честопати може да се забележи и во просториите на Градот Скопје, како и во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), но никој нема информации во кое својство.

Дека Митковски е човек близок до поранешниот прв човек на „вмровците“ потврдуваат и текстовите објавени во медиумите, кога во еден ист ден во 2013 година беа купени шест локални телевизии од тројца бизнисмени.

Имено, меѓу нив се најде и името на Митковски, кој за 47.000 евра тогаш ги купи ТВ 02 и тетовската Менада ТВ, кои по падот на Груевски во 2017 година постепено згаснаа.

Оттука, постепено доаѓаме и до таткото на Арсовска, Ванчо Јовановски, за кој „Фокус“ веќе објави дека поседува недвижен имот од над 4.000 квадратни метри и шест фирми. Она што ги поврзува двајцата бизнисмени е тоа што фирмите им се водат како (сопственици) членови на Македонската стопанска комора, Македонската француска стопанска комора и Македонската кинеска комора.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

 

Поврзани новости