Кој е човекот кој би можел да го наследи Шолц?

by Fokus

Фридрих Мерц, долгогодишен политички ривал на поранешната канцеларка Ангела Меркел, моментално е лидер на германските демохристијани (ЦДУ) на водечката позиција за идниот германски канцелар, по гласањето за недоверба на социјалдемократот Олаф Шолц.

Познат по своите корпоративни врски и богатството стекнато во приватниот сектор, Мерц има имиџ на прагматичен политичар, но и како личност која понекогаш е критикувана за неговата ароганција и чувствителност.

Анкетите покажуваат дека Мерц, претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) ќе има значителни шанси да победи на предвремените избори закажани за 23 февруари.

ЦДУ, заедно со нејзината баварска сестринска партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), очекува да постигне силна позиција и најмногу места во Бундестагот, а раководството на Мерц на партијата е обележано со поместување надесно, особено за прашања на миграцијата и безбедноста, но и на економијата.

Со 69 години, Мерц би можел да стане најстариот канцелар во германската историја, надминувајќи го Конрад Аденауер, првиот повоен канцелар. Но, неговиот избор ќе дојде во време кога Германија се соочува со голем број предизвици: стагнација на економијата, потреба од инвестиции во инфраструктурата и индустријата и растечките геополитички закани, вклучително и војната во Украина и заканите од Русија. Мерц вети политики кои ќе ја „турнат Германија напред“ и ќе ја вратат гордоста на граѓаните во нивната земја.

Мерц по обука е корпоративен адвокат, а кариерата во политиката ја започна во 1989 година кога стана член на Европскиот парламент. Подоцна беше избран во Бундестагот, каде беше до 2009 година. Сепак, неговата политичка кариера беше комплицирана со конфликтот со Ангела Меркел, која во меѓувреме го презеде раководството на ЦДУ, а Мерц мораше да ја напушти политичката сцена.

По повлекувањето од политиката, Мерц изгради успешна кариера во приватниот сектор, работејќи како партнер во адвокатската фирма Мајер Браун, а исто така служеше и како претседател на германската филијала на BlackRock, американска инвестициска компанија. Овој преселба во приватниот сектор, заедно со неговото богатство, стана чувствително прашање за време на неговите обиди за политичко враќање, а неговиот раскошен начин на живот, вклучително и поседувањето два приватни авиони, беше критикуван од некои политички противници.

Тој се противи на поголем прилив на мигранти

Мерц силно се спротивстави на политиката на Меркел за „отворени врати“ за бегалците, а неговата миграциска политика се карактеризира со фокусирање на безбедноста, законот и редот. Но, неговите ставови за мигрантите, особено за муслиманските имигранти, предизвикаа контроверзии.

Мерц еднаш ги нарече децата на муслиманските имигранти „мали копилиња“ без почит кон авторитетот, а истовремено сугерираше дека мигрантите имаат пристап до скапи стоматолошки услуги додека обичните германски граѓани не можат да се прегледаат. Тој, исто така, го критикуваше зголемениот прилив на украински бегалци, кои ги нарече практикување „социјален туризам“, чија единствена цел е да ги искористи германските услуги, но подоцна се извини.

Иако критичарите го обвинија Мерц за популистичка реторика, неговите поддржувачи го сметаат за политичар кој не се грижи за политичката коректност и претпочита да го каже своето мислење без страв дека ќе ја изгуби поддршката. Оваа отвореност за клучните прашања, исто така, му овозможи да изгради солидна политичка слика меѓу десничарските гласачи.

Иако Мерц е познат по својот либерален став за економијата, неговата позиција за меѓународните односи ја покажува неговата загриженост за стабилноста на трансатлантските односи. Мерц е долгогодишен поддржувач на германско-американското партнерство, сметајќи го тоа како клучно за безбедноста и економското закрепнување. Во исто време, тој ја критикуваше актуелната германска влада за нејзината неизвесна надворешна политика и недостатокот на јасни чекори кон зајакнување на европската одбрана.

Тој ја критикуваше и царинската политика на Доналд Трамп кон ЕУ и Германија во неговиот прв мандат, па ќе биде интересно да се види како ќе се позиционира кон Трамп кој ќе се врати во Белата куќа следниот месец.

Поврзани новости