Кој дозволи упад во М-НАВ: Кичевските кобри „ловат“ државни тендери, но не „касаат“ кога упаѓаат насилници од ДУИ!

by Fokus

Македонското небо, сепак, остана отворено за прелети откако владата разреши двајца директори на М-НАВ. Раководството се смени, но сѐ друго остана исто по инцидентот кога Беким Незири со уште седуммина негови приврзаници упадна и нападна вработени во контролата за летање. Единствено, различно е тоа што зградата сега ја обезбедува МВР заедно со кичевската агенција „2 СС Кичево“, која најголеми тендери добива од институции на чие чело се кадри од ДУИ.

 Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Припадници на Министерството за внатрешни работи, но и обезбедување од Агенцијата „2 СС Кичево“ моментално се грижат за безбедноста на контролорите на летање откако осум лица на чело со претседателот на партискиот огранок од ДУИ, Беким Незири, влегоа без проблем и нападнаа тројца вработени во М-НАВ.

Обезбедувачите на кичевската агенција, која има две кобри на своето лого, сѐ уште се во М-НАВ, иако не успеаја да го спречат Незири со цела толпа да влезе во зградата каде што се управуваат и контролираат авионите што прелетуваат над македонското небо.

Додека оние што биле на смена ги навигирале авионите, слушале викање, расправии и тепачки. Но, морало да останат смирени за да не направат кобна грешка.

Незири, кој и самиот работи како советник во Македонската навигација, не го интересирало дека може некој авион да падне, се налутил оти контролори на летање, Албанци, дале поддршка на Синдикатот на контролори на летање против партиски вработувања.

Првично беше објавено дека еден од нападнатите контролори бил на смена, за потоа адвокатите на напаѓачите да тврдат дека нападот не бил во просторијата каде што се наоѓа контролата на летање, на педесетина метри од таа соба и нападнатиот не бил на смена.

Но, колку и да се релативизира овој напад за да се докаже дека не била загрозена безбедноста на воздушниот сообраќај, овие лица воопшто не требало да влезат во зградата.

„Фокус“ пишуваше за кичевската компанија за обезбедување, која е една од агенциите што добиваат најмногу тендери од државните компании.

Бизнис-портфолиото на „2 СС Кичево“ покажува дека компанијата е формирана во 2005 година, а во последниве три години има раст на приходите. Всушност, во 2021 и во 2022 година, добивката на оваа компанија пораснала за 23 проценти.

Регистрирана е како компанија со дејност „услуги за заштита со помош на сигурносни системи“. Сопственик е Самир Билбилоски од Кичево, а управител Џемаљ Билбилоски.

Според Централниот регистар, компанијата учествува на тендери и има 30 договори во последната година, додека според она што го избројавме на веб-страницата за електронски набавки, кичевските „кобри“ имаат склучено 28 договори со државни институции.

Бизнис-портфолиото на компанијата не оддава никаква поврзаност со вечната владејачка партија ДУИ, освен градот Кичево, во чија близина е родното село на лидерот Али Ахмети.

Но, опозициската партија од албанскиот блок „Алтернатива“ на Африм Гаши, која бараше одземање на дозволата за работа на оваа агенција, обвини дека сопственикот е близок до лидерот на ДУИ, а еден од обезбедувачите немал ниту лиценца.

На социјалните мрежи може да се најдат фотографии од сопственикот Билбилоски во опуштена атмосфера, во кафуле со синот на возачот на Ахмети, Шефик Исмаили. Медиумите го поврзуваат поточно Билбилоски со Шефик.

Освен фотографиите на социјалните мрежи, од анализата на тендерите што ги добила кичевската компанија, може да се заклучи дека најсолените договори се склучени со институциите што се под раководство на кадар на ДУИ.

Така, според јавно објавените податоци на Бирото за јавни набавки, најголемиот тендер во последната 2023 година, кичевските обезбедувачи го добиле од Агенцијата за електронски комуникации, а е вреден речиси 350 илјади евра. На договорот со кичевската фирма се потпишал Јетон Акиу, кадар на ДУИ.

Акиу инаку му е зет на поранешниот функционер на ДУИ, Невзат Бејта, но тој тврди дека тоа не било пресудно да стане прв човек на ова регулаторно тело.

Вториот по големина договор што го склучила фирмата, тежок речиси 300 илјади евра, е за видеонадзор на објекти на продажни места и службени простории со АД за приредување игри на среќа, Државна лотарија.

Таму, пак, е директор, Перпарим Бајрами, кој претходно работел како советник во Собранието, а бил и шеф на кабинетот на вицепремиерот, Артан Груби, односно работел во Министерството за политички систем.

„2 СС Кичево“ ја обезбедува и Агенцијата за задолжителни нафтени резерви на чело со Уљуси Бекири, исто така кадар на ДУИ. Овој договор е вреден нешто помалку од 150 илјади евра.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости