Македонската православна црква – Охридска Архиепископија денеска го чествува денот на својот патрон, првиот словенски епископ, Свети Климент Охридски – Чудотворец.
Се претпоставува дека се родил во периодот од 830 до 840 година, а поради блискоста со Свети Методиј, најверодостојна и најподдржана е тезата дека тој потекнувал од Македонија, или од Струмичко-брегалничката област, или од Охрид, или пак, со помала веројатност, од Солун. Бил дел од Моравската мисија, на своите духовни отци и учители, Светите Методиј и Кирил. Заедно со нив во 868/9 заминал во Рим, каде што бил сведок на Божјиот благослов и потврда на делото на неговите учители и бил ракоположен во свештенички чин. По напуштањето на Моравија, заедно со Наум и Ангелариј, Климент преку Белград дошол кај бугарскиот цар Борис во Плиска, од каде во 886 годиан заминал за Кутмичевица, започнувајќи го најплодниот дел од својот живот.
Во 893 Климент е востоличен за епископ Велички, еперхија за која се претпоставува дека била со центар во Охрид и можно е да се простирала до централна Македонија, па дури и до Струмичкиот и Брегалничкиот крај. Во Охрид тој ја основал Охридската книжевна школа – првиот словенски универзитет, која станала црковно и книжевно жариште на сесловенската писменост и база за нашата евангелизација, оцрковување, просвета, книжевност, уметност, култура… На Светиклиментовиот универзитет се изучувале сите тогашни науки и се создавала нова книжевност и просвета и во Европа влегла христијанската цивилизација на новиот јазик на Словените, започнувајќи нов период во историјата на целото средновековно Христијанство.
Охрид, Свети Климент и неговиот Универзитет станале граница меѓу двете големи јазично-културни цивилизации: грчката и латинската, издигнувајќи ја третата – словенската јазично-културна цивилизација. Оттаму Свети Климент Охридски со право се нарекува наш најголем светител, просветител и учител, кој го учел народот во верата, го просветувал, бил проповедник, мисионер и првосвештеник.
Отец Бобан Митевски во разговор за МИА вели дека мисијата на Свети Климент е духовно, но и космополитско дело.
– Свети Климент не ја напушти традицијата наследена од неговите учители – сесловенските просветители Кирил и Методиј, кои израснаа и се образуваа во духовната космополитската матрица на ромејството, со седиште во Константинопол – градот кој дозволи уште во 9. век во неговата хомогена православна средина да има и џамија и синагога. Идејата за обединетост и рамноправност на народите, која беше темел на Источното Ромејско Царство, се ширеше насекаде низ тогашниот свет каде што иницијативите на оваа држава ќе се најдеа по некој основ, вели Митевски.
Тој потенцира дека ваквите идеи при своите мисии меѓу словенските народи ги ширеле и Светите Кирил и Методиј и нивните ученици, меѓу кои и Свети Климент, со што Европа уште тогаш првпат слушнала за рамноправност и за обединетост, која не ги нарушува или суспендира поединечните одлики.
– Светите Кирил и Методиј отидоа да го проповедаат словото Божјо на разбирлив јазик и наспроти тенденциите на тријазичната ерес, на светот му објавија дека Бог може да се слави на секој јазик, а не само на грчки, латински и еврејски. Покрај ова, Свети Климент беше вистински отец на паството, кое со голем труд и посветеност Му го приведуваше на небесниот Пастир. Неуморен во проповедта и во просветителската и мисиолошка дејност, го воведуваше народот во светотаинскиот живот на Црквата. Ако ги читаме неговите дела, кои нашата Црква ги издаде и на современ македонски јазик, ќе го видиме на очиглед светотечкото предание на православната вера, потенцира отец Бобан Митевски, кој до неодамна беше шеф на Кабинетот на архипископот Стефан, а како што посочува во разговор за МИА тој лично побарал да се повлече и како што вели да излезе од тоа послушание, од семејни причини, но и поради потребата да се посвети на академска кариера кон која е насочен.
-Одлуката беше моја и побарав да истапам од ова послушание, што ми беше овозможено, зашто Архиепископот има полно и добро разбирање на потребите на своите вработени. Но оттогаш останав во личен контакт со него како и досега, имајќи го односот на надворешен соработник, појаснува Митевски, кој годинава што изминува активно учествуваше во сите поважни процеси кои се одвиваа во насока на решавање на црковното прашање.
Од Светиклиментовата книжевна школа до Охридската Архиепископија
Значењето на Свети Климент е многустрано, бидејќи, како што вели Митевски, тој се смета за втемелител на основите врз кои подоцна ќе израсне Охридската Архиепископија.
– Значењето на древната Охридска Архиепископија за возобновената современа Охридска Архиепископија е од суштински карактер, кој пред сѐ, се огледува во светопреданиската врска. Ние како жива Црква своето суштествување, својата ипостас ја црпиме токму од старото Охридско свештеноначалие, како од една Црква богата со предание, ризница на боголики личности, еден космополитски центар, една цврста и обединувачка оска. И сметам дека од особена важност е и денес што повеќе да се напојуваме од богатите струи на мудрост и светоста што истекуваат од наследството на Охридската Архиепископија, а тоа ќе го можеме само доколку внимателно и објективно ја читаме нејзината историја, додава Митевски.
Toj потенцира дека при тоа не зборува за идеолошки историографскиот приказ на ОА од 19-от и 20-от век, обвиткан во национал-романтичарска паковка, според пристрасните тенденции на тогаш новоформираните балкански држави, затоа што древната Охридска Архиепископија не била нечија „национална“ Црква.
– Дотолку повеќе што таквото нешто претставува страшна ерес според православните канони, а згора на тоа бесмислено и смешно е да се зборува за „национална“ институција во време кога не постоело современото поимање на терминот нација, коешто се јавува по Француската револуција. Охридска Архиепископија била Црква само на еден народ, Христовиот. Тука немало место за какви било народносни, јазични или социјални припадности. Мислам дека и ние денес како Црква треба да го следиме овој дух, доколку сакаме да останеме во здравото учење на православното христијанство и во духот на светото Евангелие, додава отец Бобан.
Од сегашен аспек тој вели дека гледа уште „една Божја промисла“ меѓу древната и современата Охридска Архиепископија како нејзина наследничка, бидејќи Охридската Архиепископија секогаш била поврзана со Константинопол и со Вселенската Патријаршија.
– Се сеќаваме на историскиот институт „трипросопо“ – кога Синодот на Охридската Архиепископија предлагал три кандидати за архиепископ, а автократорот избирал еден од нив, што било случај и во изборот на претстојателот на Константинополскиот црковен трон… Секако тоа е историја. Но и денес, во современието, се потврди таа силна врска: и современата наследничка на ОА, беше препознаена и приопштена кон канонското единство токму од Првопрестолната Мајка Црква. Длабоко сум убеден, по логиката на нештата, дека најмногу треба да се вреднува тоа кој прв покажа иницијатива и прв истапи, зашто делото на љубовта е во жртвата. Прилика имаат сите да подадат рака, но првоподадената е татковска, а донекаде, по мое убедување, и најискрена. Тука повторно е очигледно тоа преданиско и космополитско наследство, што го слушнавме во беседата на неговата сесветост, патријархот Вартоломеј, искажана на заедничкото литургиско служење: „Влезете во сокровиштето на Соборноста. Ромејството не е показен национален идентитет, ами токму црковен“, нагласува Митевски.
Тивката дипломатија го трасира патот до обновата на канонското единство
Тој во разговорот за МИА направи и куса ретротроспектива на настаните, што му претходеа на заедничкото литургиско служење на патријархот Вартоломеј и архепископот Стефан, нагласувајќи дека процесот започнал со писменото обраќање на нашиот Синод до вселенскиот патријарх за апелација врз нашето црковно прашање.
– Правото на т.н. „еклитон“, кое на вселенскиот патријарх му го гарантира и на кое го обврзува 28. правило на Четвртиот вселенски собор, односно да ги надгледува и да носи решенија во црковните спорови, беше институтот на кој се повикаа нашите архијереји, што следуваше како прекупотребна иницијатива по неколкугодишниот молк од страна на СПЦ, а во однос на нашите барања за воспоставување на дијалог за меѓусебниот црковен спор. Да биде појасно: нашите архијереји најпрво се обратија за помош и до Црквата на Бугарија и веднаш штом таа формира Комисија за нашето прашање, од наша страна беше испратено барањето за апелација до Вселенската Патријаршија. Овие нешта јасно покажаа дека нашето прашање веќе станало меѓуправославна тема, што ја предизвика Првопрестолната Константинополска Црква, согласно нејзините канонски принадлежности, да обзнани дека решавањето на црковното прашање во Северна Македонија ѝ принадлежи неа, вели Митевски.
Тој додава дека по овој јавен чин на сериозност и конкретнсот, започнал и интересот на Српската православна црква (СПЦ), што резултирало со воспоставувањето на дијалог меѓу двете сестрински цркви – МПЦ-ОА и СПЦ, нешто што, според него, претставувало позитивен аспект зашто прашањето требало да се реши без да има нечија спротивставеност.
– За оваа историја лично можам да сведочам, бидејќи со благослов на архиепископот бев дел од протоколарниот третман на некои од овие настани, а воедно бев вклучен и во подготовката на дел од писмената кореспонденција и со Вселенската Патријаршија и со Црквата на Србија, откако од север стигна писмо, што беше објавено во јавноста, за обновување на дијалогот. Тука морам да демистифицирам еден романтичарски занес – а тоа е дека некои еднократни функционери од политиката, кои сега сакаат да се претстават како клучни и заслужни, ни по име, ни по лик не постоеја во официјалните процеси. Во позадината вистински за решавањето на црковниот спор работеа неколку наши архијереи и свештенослужители, дел познати на јавноста, а дел своите вистински и големи заслуги ги имаат пред лицето Божјо, потенцира отецот.
Тој потсетува дека одлуката на Вселенската Патријаршија за наше канонско приопштување беше обзнанета на 9 мај 2022 година, што иницираше обновува на канонското општење на нашата со „сестринската Православна Црква на Србија“ и одлуката Архијерејски собор на СПЦ за прифаќањето на нашата автокефалност како посакувана реалност.
– Повторно со благослов на архиепископот бев дел од делегациите на нашата Црква во Белград, каде што и сослужував на помирувачката литургија, а потоа и во Фанар, каде што го примивме Праксисот за нашето евхаристиско приопштување и за легитимитетот на современата наследничка на Охридската Архиепископија. Овие посети беа значајни, зашто стекнатото искуство го применивме, заедно со тимот од Архиепископијата, во возвратната посета на српскиот патријарх и неговата делегација на Скопје, на 24 мај 2022 година, потенцира Митевски.
Според него, во периодот пред заедничката литургија во Истанбул се случи историски момент – интервјуто на архиепископот Стефан за грчки весник „То Вима“, што претставуваше прво интервју на наш првојерарх на грчки јазик и во грчкиот свет.
-Но, уште позначајно беше што архиепископот уште еднаш ја покажа својата мудрост и правилната еклисиолошката свест за тоа дека, како што во овој момент се поставени работите, официјалното решение за статусот на една помесна православна црква го обзнанува Вселенската Патријаршија преку издавањето на Томос за афтокефалност. Би сумирал дека динамиката на овие процеси, воедно и нивното отпочнување, зависи од геополитичките и општествените случувања, од иницијативноста и желбата на вклучените страни, како и од капацитетот на актерите. Правилата коишто треба да се почитуваат се спроведувањето на вистинското еклисиолошко предание на Православната црква, неотстапувањето од него и од дадените ветувања и гаранции. Во секој случај, како што вели Светото Писмо, треба да го ползуваме времето, зашто дните се лукави (Еф. 5, 16), вели отец Бобан.
Тој притоа нагласува дека терминот „Томос за афтокефалност“ е прецизниот назив за документот за доделување на статусот на автокефалија, бидејќи согласно значењето во грчкиот јазик и историската традицијата, името Томос се користи и за друг вид на документи, но тие го немаат значењето на т.н. „статусен Томос“.
Околу начинот на доделувањето на Томост за автокефалност, претходно, во анализа за МИА, медиевистот и црковен историчар од Институт за национална историја – Скопје, проф. д-р Драган Зајковски изјави дека според сé уште актуелниот протокол, една помесна православна црква официјално и канонски легитимно ја добива автокефалијата со Томос издаден од Вселенската Патријаршија.
– Притоа според актуелната пракса за очекување е вселенскиот патријарх Вартоломеј лично да допатува во нашата земја и да му го врачи Томосот за автокефалија на г.г. Стефан, се разбира како дел од заедничка литургија, додава Зајковски, нагласувајќи дека кажано со црковна терминологија, Вселенската Патријаршија е мајка-црква на сите православни цркви во рамките на т.н. византиски комонвелт.
Тој потсетува дека со нејзина дозвола и благослов во 870 година била формирана првата Архиепископија на територијата на средновековна Бугарија, потоа таков бил случајот и со Трновската Патријаршија во 1235 година и Пеќката Патријаршија во 1219 година, а од 19. век со благослов на Вселенската Патријаршија автокефалност добиле и повеќето современи православни цркви во рамките на новоформираните балкански држави, како Црквата на Грција (1850), Романската православна црква (1885), Српската православна црква (1879 и 1922), Бугарската Патријаршија (1945), Автокефалната православна црква на Албанија (1937)…
– Од овие примери јасно се гледа улогата и првенството на Вселенската Патријаршија во минатото и денес. Конкретно одлуката на Вселенската Патријаршија да ја „прими јерархијата, клирот и народот на Црквата под водство на Архиепископот Стефан во евхаристиско единство“ значи надминување на повеќе деценискиот црковен раскол и последен чекор до добивањето на долгоочекуваниот Томос за автокефалност од страна на мајката-црква Вселенската Патријаршија, нагласува Зајковски.
Деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ од Скопје, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски во интервју за МИА оцени дека одлуката за примање на нашата црква во канонско единство со Вселенската патријаршија значи признавање и препознавање на МПЦ-ОА како жива канонска црква, на која и останува уште административно да го регулира и да го доврши целиот процес.
– Тоа е една патека која што треба да се изоди до конечниот Томос којшто треба да стигне од Цариград. Ние треба да продолжиме да работиме и делуваме така како што досега сме правеле и со една евангелска отвореност кон сите останати сестрински цркви коишто ни подаваат и ни подадоа рака во изминатиот период, додава Ѓорѓевски.
Црквата, политика, црковната дипломатија и медиумите
Во однос на прашањето што било покренато на последната средба на членовите на македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања околу претставувањето на Охридската архиепископија во нашите учебници по историја, отец Бобан Митевски вели дека Синодот на МПЦ-ОА веќе го изнесе својот став дека никој не би требало да расправа за црковниот контекст на нештата без учество на Црквата.
– Дебатата е цивилизациска продобивка и секогаш треба да има простор за дебата во едно општество, во една институција, меѓу држави и општества итн. Постоењето на дебата не значи веќе донесени заклучоци, но и тема на една дебата не треба да стануваат прашања кои се надвор од договорената рамка. Како свој прилог кон ова прашање би го нагласил неоспорниот факт дека црквите не се национални, туку се наднационални и затоа секоја дебата во оваа насока е беспредметна, додава Митевски.
Сепак, отец Митевски, признава дека Црквата не може целосно да се одвои од политиката и државата, потенцирајќи дека и во решавањето на македонското црковно прашање свој своевиден удел имаше и политиката.
– Бевме сведоци на иницијативите, преку писма и посети на политичарите. Вселенскиот патријарх го посетуваа и функционери од власта и од опозицијата и на оваа тема во јавноста се обраќаа претставници од двата блока што укажуваше на имањето на една сплотеност по ова прашање, но и тоа каде е точната адреса за неговото решавање. Историски, низ вековите, е потврдено дека секогаш била пројавувана и државната и политичка волја при решавањето на црковните прашања. Неоспорно е дека овој актуелен процес за нашето црковно прашање започна, како што и во минатото беше прогнозирано, како резултат на решавањето на прашањето со името на државата, но и поради геополитичките текови во светот, особено оние поврзани со односите меѓу Русија и Западот, смета Митевски.
Со ставот на отец Митевски се согласува и Професорот на правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Александар Спасеновски, кој во анализата на МИА потенцира дека одлуката на Вселенската патријаршија од 9 мај 2022 година за примање во канонско единство на Охридската архиепископија е резултат на сплет на внатрешни и на меѓународни и политички околности.
Под внатрешни околности, тој ги наведува, пред се личноста на архиепископот Стефан, односно неговата мудрост и одмереност правилно да ја води Црквата, потоа декларираното единство помеѓу членовите на Синодот и децениското градење на силните мостови на соработка со Вселенската патријаршија од страна на дел од нашите духовници. Кога станува збор за поширокиот политички контекст, Спасеновски како поволни околности ги наведува решавањето на спорот со нашето име со Грција, поддршката за Црквата од страна на државните институции и општеството, но и меѓународно-политичката констелација, вклучително и членството на земјава во НАТО, што даде нов квалитет на односите со нашите стратешки сојузници.
– Во светло на глобалните меѓународни поместувања, решавањето на црковното прашање натамошно ја зајакна стабилноста на државата, правејќи ја поотпорна на надворешни малигни влијанија од трети страни. Оттаму, се наметнува и заклучокот дека одлуката на Вселенската патријаршија за примање на Охридската архиепископија во канонско единство, а подоцна и очекуваниот томос за афтокефалност, е целосно комплементарна со евроатлантската ориентација на нашата држава, како и со декларираните интереси на САД во оваа насока, потенцира Спасеновски.
Поврзаноста на Црквата со државата, но и комплксноста на односите меѓу самите цркви го повлекува и прашањато за црковната дипломатија и колку македонската Црква вложува во оваа сфера, за што отец Митевски вели дека на Богословскиот факултет, каде што тој и самиот предава, нема конкретен предмет кој содржински третира само теми за и од црковната дипломатија.
– Секако постојат предмети кои во својот силабус обработуваат одреди прашања поврзани со црковната дипломатија и тоа во прв ред е предметот историја на православната црква, потоа социјална теологија, мисија на црквата, како и некои други. Но, потребата за конкретно изучување на оваа тематска единица е насушна, со оглед на тоа што црковната дипломатија претставува суштински дел од функционирањето на секоја помесна православна црква, нагласува Митевски.
Тој нагласува дека не постојат самопрокламирани црковни дипломати, туку тоа се лица кои низ еден процес на образование се стекнале со вештини, со знаење, чувство и манири, изучиле и добро говорат најмалку два странски јазици, особено од оние што се важни за црковниот православен свет, го познаваат менталитетот и начинот на размислување на разните православни народи, ја познаваат добро црковната, канонската, па и националната и културна историја на Црквите и народите.
– Во поискусните црковни средини, нешто што го применуваше во минатото и нашата Црква, ова е осмислен систем и се прави добра кадровска политика. Се селектираат способни кандидати и се испраќаат да студираат на високообразовните институции при помесните цркви за да го изучуваат нивниот јазик и сиот нивен контекст, и, најважно, за да воспоставуваат контакти со тамошниот клир. Добрите контакти влеваат доверба, полесно разбирање, можности за соработка, додава Митевски.
Сепак, според него, уредувањето на Црквите не е како државното, па затоа не постојат специјални оддели за дипломатија, туку во црковните кругови дипломатијата најчесто се развива преку врските на духовниците кои формираат познанства на лична основа и нив потоа ги ползуваат за доброто на целата црква.
Професорот Зајковски во анализата потенцира дека водењето на црковната дипломатија е прашање на многу мудрост, сеопфатно знаење, истенчено чувство за актуелното политичко опкружување и реална перцепција за светот, односно времето во кое се живее, при што од посебно значење е комплементарноста на државните и црковните интереси на меѓународен план.
– Кај нас сé се сведува на поединци и неформални групи, кои што одат од една во друга крајност. Или одлично ги разбираат работите како функционираат црковните дипломатии или одат во една друга крајност водејќи се од сопствениот национализам, да речам квазипатриотизам и националната ограниченост, дозволуваат да ги водат популизмот и емоциите при креирањето на црковната дипломатија, а ќе се согласите дека во црковната дипломатија, впрочем како и во световната, простор за емоции, популизам и национализам не смее да има, вели професор Зајковски.
-Деканот на Богословскиот факултет, Ѓорѓевски, пак, истакнува дека на оваа високообразовна установа постојат предмети како што е социјална теологија, мисија на Православната црква, каде што се разгледуваат разни прашања и се даваат насоки како да се однесуваме во едно општество, какво е местото на идниот свештеник и политиката, каков е односот, како треба и да го гради односот со некој различен од себе, за што, според него, потребно е идните дипломирани теолози да имаат познавање од „животната дипломатија“.
– Да потребно е знаењето, потребна е науката, но најважно е дека животот треба да биде заснован врз принципите, коишто се изучуваат во таа наука, односно врз вистината, правдата, вистинољубието во секој од нас. Значи во однос со другиот човек, во однос со другите институиции, во однос со другите цркви. И верувајте дека доколку се има таква поставеност, секогаш таквата поставеност ќе заврши со добри резултати, потенцира Ѓорѓевски.
Тој во интервјуто за МИА во однос на отвореноста на Црквата кон медиумите посочува дека во целиот след на настани поврзани со статусот на МПЦ-ОА станало јасно кога нешто може да се каже, а кога е можеби добро нешто да се премолчи додека не заврши целиот процес.
– Изминативе месеци, мојата проценка е дека медиумите беа конструктивни, поголемиот дел од нив, сите имаа разбирања за времето кога црквата даваше објаснување, но и кога Црквата побара да се причека и дека во тој момент можеби нема потребно објаснување затоа што не дојдено времето тоа да се објасни… Во овој случај чинам дека е добро да биде засилена можеби и комуникацијата со Светиот архиерејски синод, да се дадат вистинските насоки или насоките во коишто се движат работите, вели Ѓорѓевски.
Отец Бобан Митевски смета дека кога станува збори за информирањето на јавноста за настани поврзани со Црквата, мора да се има предвид дека природата, но и карактерот на црковните теми се поразлични од општествените и политичките и поради нивната сензитивност, но и поради системот на донесување на одлуки и начинот на работа.