Набргу по промоцијата на песната ,,In Corpore Sano” на Ана Ѓуриќ – Констракта, која ќе ја претставува Србија на Евровизија 2022, во јавноста се појавија повеќе толкувања на стиховите, како и претпоставки дека истата му е посветена на музичарот Мирослав Мики Ничиќ, кој беше основач на групата ,,Земја грува” со која Ана ги имаше своите музички почетоци.
Иако таа изјави дека пораката на песната може да се толкува на повеќе начини и не е директно посветена на Мирослав, кој почина од леукемија на 44-годишна возраст пред три години, токму стиховите дека уметниците најчесто немаат здравствена книшка, односно здравствено осигурување, беа една од причините јавноста да верува дека ,,In Corpore Sano” е песна за него.
Оние кои ја следеле музичката кариера на ,,Земја грува” се сеќаваат дека Мирослав беше основач на бендот, како и гитарист. Тој стоеше зад студиото за дизајн Логомир и зад Лава продукција.
За неговата битка со леукемијата се пишуваше многу. Повеќе од три години тој се лекуваше на клиники во Белград, Виена и Тел Авив.
Во времето минато во болничките соби напишал цел албум со песни посветени на неговото семејство. Истите ги отпеал, отсвирал и снимил демо верзии.
Една од тие песни, создадена во болница е и ,,Бескрајно” која ја изведува заедно со Констракта.
Приватно, музичарот беше во врска со водителката Маја Узелац. Со неа во 2013 година ја добија ќерката Лана, а во 2015 година го добија синот Вал.
Парот се венчаше во 2017 година, во време кога Мирослав веќе се бореше со тешката болест. Две години подоцна тој почина.