Кои се условите за патување, Грција, Турција и Албанија најбарани летни дестинации

by Fokus

Со намалување на бројот на новозаболени од Ковид-19, поголемиот број на вакцинирани и олеснувањето на условите за патување, полека се зголемува интересот на македонските граѓани за летување. Туристичките агенции кои ги контактираше МИА велат дека интерес има, особено за туристичките места во кои традиционално летуваат македонските граѓани.

Атрактивни за летниот период остануваат Грција, Турција и Албанија. Условите за влез поради пандемијата се различни. Туристичките агенции постојано ја следат ситуацијата со цел навреме да ги информираат своите клиенти кои документи им се потребни. На нивните официјални веб страници може да се најдат детални информации што се е потребно за влез во секоја земја за која нудат аранжмани.

Генерално, негативниот ПЦР тест или сертификатот за вакцинација се задолжителни, освен за Албанија и Црна Гора, каде засега на граничните премини не се бараат посебни документи за влез во земјата. Црногорските власти дури најавија дека целосно на државен трошок ќе биде покриено и болничкото лекување доколку некој турист заболи од Ковид-19.

Во моментот, за Турција е потребен негативен ПЦР тест или сертификат за завршена вакцинација, а за влез во Грција од денеска, според најавите, покрај веќе познатите опции за влез, ќе може да се влезе и со негативен антигенски рапид (брз) тест. Оваа промена, грчките власти ја најавија вчера, а стапи во сила од утринава во 6 часот.

За патување кај јужниот сосед, како можност за влез, остануваат и досега познатите правила задолжителен сертификат за вакцинација, 14 дена по примената втора доза или негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето. Како опција за влез останува и приложувањето на потврда за прележан коронавирус. Новата опција, односно негативниот резултат од брзиот тест треба да биде направен до 48 часа пред пристигнувањето во Грција. Задолжително е и пополнувањето на PLF формуларот кој може да се најде на сајтот https://travel.gov.gr. Овие обврски ќе важат за сите лица со наполнети 12 години и постари.

Сертификатот за вакцинација треба да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, да е издаден од јавна установа и да ги содржи основните генералии за лицето односно име и презиме како што се наведени во пасошот, видот на примената вакцина и бројот на дози и датумот кога се примени вакцините.

За влез во Грција од Северна Македонија отворен останува граничниот премин Евзони кој работи од 6 до 22 часот по македонско време.

Годинава, според информациите од туристичките агенции, цените за сместување се за нијанса поскапи од порано.

За Грција, се нудат аранжмани од наеми за студија до хотелски сместувања, додека аранжманите за Турција главно се за хотелско сместување со четири или пет ѕвездички, со чартер летови или автобуски превоз вклучен во цената. Во Албанија, може да се најде приватно сместување, додека во хотелите најчесто сместувањето е на база ноќевање со појадок. Во Црна Гора, според најавите на туристичките организации од оваа држава, цените ќе бидат исти или слични како во 2019 година.

За поегзотичните патувања како оние за Малдиви, Занзибар, Бали, Сејшели и Куба, интересот е помал, велат од туристичките агенции.

Поврзани новости