Кои се сестрите Вучковиќ: Сите три имаа тешко детство и не можат да и го простат успехот на Северина

by Fokus

Животните драми на една од најпопуларните хрватски пејачки, Северина Вучковиќ, никако да престанат да ја анимираат јавноста на Балканот.

По експлицитното видео, кое преку ноќ ја направи најспомнувана личност во поранешните Југословенски републики, врските со познати бизнисмени, долгогодишната битка за старателство над синот со неговиот татко Милан Поповиќ, бурниот брак и развод со поранешниот фудбалер Игор Којиќ, до последната вест- нејзиното апсење на аеродром, по пријава од сестра и Маријана, за физички напад.

Сестрите Вучковиќ и нивните семејни недоразбирања станаа актуелна тема во јавноста. Покрај Маријана, Северина ја има сестрата Зденка Вучковиќ Жуниќ, која живее во близина на Задар, а која јавно се откажа од неа, по стапувањето во брак со Игор Којиќ. Во тој период Зденка се огласи во медиумите со приказна дека не го поддржува бракот на сестра и со Србин.

-Србите над нас водеа вооружена борба. Сестра ми е растена во хрватска фамилија, со мајка Хрватка и татко Хрват, но нејзиниот живот го презеде менаџерската машинерија. Таа има планетарна слава, но сигурно има тажен живот – изјави пред повеќе години Зденка.

Маријана Вучковиќ Поповиќ пак, сестрата на Северина која во вторникот ја пријави во полиција за физички напад, е новинарка која живее во Белград. Во минатото често се појавуваше во медиумите, како голема поддршка на Северина, која пак и помогнала на нејзината ќерка Миа за време на студиите. Токму поради тоа, веста за нивната семејна драма дојде како изненадување.

За сестрите Вучковиќ е познато дека немале лесно детство. Како што во минатото се пишуваше во хрватски медиуми, живееле во немаштија. Нивната мајка Ана работела како келнерка, а татко им Север бил камионџија. Починал додека биле доста млади, но и покрај тоа што мајка им Ана се трудела да ги воспита на заедништво, нивните несогласувања станаа тема која не може да се додржи подалеку од јавноста. Разлика во годините, но и во животните стилови, како и тежината на популарноста на Северина, според многумина е една од причините за случувањата.

Детството и младоста не им беа лесни, па не можат да се помират со успехот на својата сестра, е само еден од многуте коментари кои хрватската јавност ги остава по повод настаните. Според други пак, заедничко земјиште во близина на Сплит било најголемата причина за судирот помеѓу сестрите.

Додека трае јавниот сеир и завземањето страна, околу тоа која е добрата, а која лошата сестра, денес со писмо до медиумите се огласи и нивната мајка Ана. Таа порача дека Северина се грижи за неа, а Маријана и во минатото имала слични испади и провокации кон сестра и.

-Имам 84 години, физички не сум во полна сила, но мозокот ми работи. И пред надлежните служби кажав дека Северина се грижи за мене, и ме боли сето ова кое и го прави сестра и. Не е прв пат Маријана лажно да ја пријавува Северина во полиција, таа ја пријави дури и сопствената ќерка Миа. Северина, освен што се грижи за мене, се грижи и за внуката, која побегна од мајка и и сега живее со неа, со својата тетка- наведено е во отвореното писмо на Ана.

Вики Клинчарова

Поврзани новости