Веста за заедничката литургија на МПЦ-ОА и СПЦ во Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје за одобрувањето и благослов на српскиот патријарх Порфириј за афтокефалност на МПЦ-ОА е објавена и на официјалниот сајт на СПЦ, а се најде и во ударните наслови во сите српски медиуми, јави дописникот на МИА од Белград.
На официјалниот сајт на СПЦ, под наслов, „Патријархот Порфириј – Бог е Алфа и Омега на нашето постоење во историјата и вечноста“, се соопштува одлуката на СПЦ.
– Светиот архиерејски Собор едногласно и еднодушно излезе во пресрет на барањата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и ја благословува, одобрува, прифаќа и признава автокефалноста. Истовремено, Светиот Собор на нашата Црква ги задолжи Синодот и Патријархот заедно со Архиепископот Стефан и неговиот Синод да ги разработат сите технички и организациски детали, по што ќе следи свечено прогласување со официјален соодветен акт, за што сите помесни Православни цркви ќе бидат известени според својот канонски ред и поредок и ќе се повикаат да го прифатат автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридската архиепископија, се наведува во соопштенеито на СПЦ, во кое се додава „браќа и сестри, сигурни сме дека сите други помесни православни цркви со задоволство ќе ја дочекаат оваа вест и ќе се радуваат што нашиот Господ расте, што Неговата Црква расте“.
Верниците во Србија преку официјалниот сајт на СПЦ директно и на македонски јазик можеа да ја следат светата архиерејска литургија на „Неговата Светост Патријархот на Србија г. Порфириј и Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. Стефан, на празникот Свети Кирил и Методиј, во соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје“, како што пишува на сајтот на СПЦ.
„Патријархот Порфириј ја благослови автокефалноста на Македонската православна црква“, „Соборот на СПЦ едногласно ја одобри автокефалноста на МПЦ“, „Српската православна црква ја призна автокефалноста на МПЦ – Охридска архиепископија, се очекува томос на признавање“, се најчести наслови на сите печатени, ТВ и Радио медиуми и портали во Србија во кои во детали се пренесува настанот од Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје, со осврт на досегашните чекори на двете цркви за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.