Кои се потпретседателите кои ќе го бранат Ковачевски?

Овие четворица попретседатели ќе треба да му го чуваат грбот на новиот лидер Димитар Ковачевски и да му помогнат во спроведување на новите политики.

by fokus

СДСМ вчера избра четворица потпретседатели, од кои тројца се нови: Стефан Богоев, Перо Костадинов и Бисера Костадинова Стојчевска. Од претходниот состав потпретседател остана Фатмир Битиќи.

Овие четворица попретседатели ќе треба да му го чуваат грбот на новиот лидер Димитар Ковачевски и да му помогнат во спроведување на новите политики.

СТЕФАН БОГОЕВ

Стефан Богоев беше доскорешен градоначалник на општина Карпош. Тој победи на локалните избори во 2017 година во првиот круг со освоени 57,70% од вкупните гласови. Богоев е дипломиран економист на универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје.

Пред да стане градоначалник, беше пратеник во Собранието избран на изборите во 2016 година. Претходно беше лидер на социјалдемократската младина – СДММ.

Изборот паднал врз Богоев, и покрај тоа што имало дилеми дали во највисокото партиско раководство можеби ќе има премногу луѓе од Карпош, имајќи во предвид дека од оваа општина доаѓа партискиот лидер Ковачевски, новиот генерален секретар Миле Зечевиќ, како и новите членови на Извршниот одбор – Андреј Петров и Леонид Наков.

ПЕРО КОСТАДИНОВ

Перо Костадинов е актуелен градоначалник на Валандово во втор мандат. Прв пат стана градоначалник во 2017 година, а на овие избори повторно победи, уште во првиот круг. Тој беше претседавач на Централниот одбор на СДСМ.

Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2009. Бил вработен во ИГМ АД „Еленица“ Струмица и „Еко оранжерии Анска-Река“ Валандово. Од 2015 до 2017 година бил член на Советот на Општина Валандово.

ФАТМИР БИТИЌИ

Актуелниот министер за економија, Фатмир Битиќи ја задржа потпретседателската функција на која стапи во времето на Зоран Заев.

Во aприл 2018г. е ангажиран како посебен советник на премиерот за спроведување на истражувања и анализи за политики, стратегии и теми поврзани со економијата како и подготовка на професионални мислења, коментари и препораки.

Член е на Економскиот совет на Владата и дел од Советот за економски реформи и одржлив развој, одговорен за подобрување на политиките во деловното окружување.

Од август 2019 година ја извршувал функцијата претседател на Комисијата за финансии во СДСМ.  Партијата со него ја рефлектира определбата да се гради на мултиетнички принципи.

БИСЕРА КОСТАДИНОВСКА СТОЈЧЕВСКА

За потпретседателка е избрана и Бисера Костадиновска Стојчевска. Таа е пратеничка од редовите на СДСМ во Собранието и е доктор на науки по англиски јазик.

Во јавноста стана актуелна во април кога позитивна на Ковид, со скафандер дојде во Собранието за да гласа за пакетот антикризни мерки кои се однесуваа на парична помош за 20 илјади компании и околу 150 илјади граѓани.

Тројца од потпреседателите се релативно млади: Богоев е роден 1989 година, Костадинов 1987 година, додека Стојчевска Костадиновска е родена 1986 година. Најискусен е Битиќи кој е роден 1975 година.

К.С.Б.

Поврзани новости