Германците утре ќе гласаат за составот на новиот Бундестаг, а резултатите од овие избори ќе одлучат кој ќе ја наследи Ангела Меркел, која по 16 години ја напушта функцијата канцелар.
Анкетите покажуваат дека ниту еден потенцијален наследник на Ангела Меркел нема убедлива предност меѓу 62 милиони германски гласачи.
Кандидати за нов германски канцелар се:
Армин Лашет (ЦДУ/ЦСУ)
Армин Лашет (60) е лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на се уште актуелната канцеларка Ангела Меркел и премиер на индустриската провинција Северна Рајна-Вестфалија, најнаселениот регион во Германија. Побожен католик, син на рудар, кој подоцна станал учител, и пораснал во близина на белгиско-холандската граница, каде што живее и денес. Откако студирал право, се запишал на новинарство и извесно време работел како новинар. Тој беше избран за пратеник во Бундестагот во 1994 година, а во 1999 година за член на Европскиот парламент.
Што се однесува до позициите во надворешната политика, Лашет смета дека Европската унија не е добро подготвена за глобалните предизвици. Тој постојано повторува дека го поддржува проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, и покрај загриженоста од Франција и другите членки. „Алтернативата да ги оставите надвор од ЕУ ќе има поголеми последици, а ниту едната ниту другата не е добра“, рече тој. Лашет, исто така, истакна дека земјите од Западен Балкан имаат јасен патоказ за членство во ЕУ и дека нивната посветеност треба да се почитува доколку ги исполнуваат тие критериуми.
Во својот прв говор како претседател на партијата, тој рече дека ќе ја продолжи надворешната политика на Ангела Меркел, што значи ќе продолжи да ги критикува Русија и Кина за кршење на човековите права, но без жртвување на економските интереси. Тој ја опиша Кина како „конкурент, партнер и ривал“. Истовремено, тој го потврди мислењето на Ангела Меркел дека местото на Европа е веднаш до САД и Канада.
Олаф Шолц (СПД)
Олаф Шолц (63), заменик на Ангела Меркел и германски министер за финансии, е кандидат на Социјалдемократската партија за канцелар во Германија, а анкетите му даваат предност во оваа трка. Пораснал во Хамбург, градот во кој беше градоначалник од 2011 до 2018 година. Неговите поддржувачи тврдат дека тој е одговорен за изградбата и напредокот на градот и дека е човек кој секогаш има план. Ја изгради својата кариера како адвокат, посветена на работничките права и синдикалната поддршка. Тој беше член на Бундестагот од 1998 до 2011 година.
Многумина во Германија го нарекуваат прагматичар и бирократ, а германското списание Die Zeit одамна го нарече „Шолцомат“, алудирајќи на машина која исфрла бирократски фрази. Еден од уредниците на списанието во неодамнешната изјава за американските медиуми рече дека Шолц бил „еден вид идентичен близнак на Џо Бајден, само малку помалку зборлив“, објаснувајќи дека заедничко им е тоа што тие се луѓе на системот, центристи, институционалисти и знаат како да го постигнат она што го сакаат. СПД го гледа како поддржувач на политиката на центарот, а многу гласачи го признаваат продолжувањето на Ангела Меркел и нејзината политика во него.На прашањето како да се управува со новиот потенцијален бран мигранти, тој одговори дека фокусот треба да биде на тоа како да се обезбеди помош за земјите во кои први пристигнале, отколку да прифатат повеќе луѓе во Германија.
Што се однесува до Западен Балкан, тој смета дека Русија и другите земји треба да го прифатат фактот дека Европската унија ќе се прошири.
Аналена Бербок (Зелени)
Аналена Бербок, единствената жена во трката за наследник на Ангела Меркел, е првата кандидатка на Зелените за канцелар. Четириесет годишната Баербок доаѓа од село во близина на градот Хановер, студирала право и политика во Хамбург и Лондон и работела за Зелените во Европскиот парламент. Како девојче, нејзините родители често ја носеле на протести против нуклеарното оружје, и според неа, таа првично сакала да биде воена репортерка. На почетокот на годинава, според анкетите, имаше добра поддршка, но нејзината репутација беше разнишана кога е обвинета за плагијат и лажење во нејзината биографија.
Доколку победи на изборите, Бербок ќе биде првата „зелена“ канцеларка, првата мајка на таа позиција и првиот германски лидер кој отворено се нарече себеси феминистка. Таа често истакнува дека е мајка на две мали деца и дека сака да го следи примерот на премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн. Нејзината номинација за канцелар доведе до зголемување на бројот на нови членови на партијата, но анкетите покажуваат дека таа има најмалку шанси да биде избрана. Што се однесува до надворешната политика, таа се залага за построг став кон Русија и Кина отколку двата ривала. Бербок нагласи дека Европа ќе биде „уништена“ доколку Германија не биде конкретна во надворешната политика во врска со тензиите во Украина и нејзиниот однос кон Русија. Таа е против изградбата на Северен поток 2. Исто така смета дека НАТО е незаменлив и ја поддржува соработката во заедничката одбрана на Европа и нејзината безбедност.