Кои се пост ковид симптомите кои подоцна ги напаѓаат пациентите?

by Fokus

Голем дел од граѓаните кои биле „жртви“ на ковид 19 едвај чекаат да добијат негативен тест, сметајќи дека на тој начин ја завршиле корона голготата, која речиси две години го тресе светот.  Сепак, негативниот тест не значи и крај на болеста, што на свој грб го почуствуваа многу од пациентите кои се соочија со опасниот вирус, а посебно на удар беа оние кои болнички се лекуваа.

Многумина се соочуваат со пост ковид симптоми, попознати и како пост ковид синдром. Тие се јавуваат по вториот месец од прележан ковид и може да траат и до шест месеци.

Според лекарите, некои од пациентите како последица на  корона вирусот доживуваат инфаркти и мозочни удари, додека пак други пак имаат проблеми со белите дробови. Дел од нив се жалат и на опаѓање на косата.

„Ковидот како болест не е страшен само кога си позитивен, туку и многу подоцна. Се случило пациенти да се излекуваат, барем ние така мислиме и подоцна да добијат удар или пак да им се откачи тромб. Да не зборуваме за другите поситни здравствени проблеми, кои реално станаа секојдневие“, тврдат дел од лекарите со кои разговараше „Фокус“.

Некои од оздравените сведочат дека повеќе месеци страдаат од последици од вирусот од кои никако не можат да се опорават. Се жалат на висок крвен притисок, болки во градите и на грбот.

„Четири месеци поминаа откако прележав ковид и верувајте не можам при себе да си дојдам. Оттогаш имам постојано висок крвен притисок и болки во градите. Не знаете како е чувството кога мислите дека во секое време може да добиете срцев удар,. Не знам дали ќе се средува, ама сега за сега е ептен тешко“, вели 54-годишната скопјанка К.М.

Проценките се дека дури во 35 отсто од случаите, и во пост-ковид фазата луѓето чувствуваат замор, тешкотии при дишењето и болки во градите. Некои се жалат на болки во зглобовите, немање на концентрација и нарушена меморија. Голема е бројката и на оние коишто со месеци го имаат изгубено чувството за мирис и вкус, а се соочувале и со несоница.

ВО БОЛНИЦИТЕ ВРИЕ ОД ПАЦИЕНТИ

Во моментот болниците се преполни со пациенти, поточно врие од заразени пациенти, но има и многу кои се соочуваат со симптоми после прележувањето на болеста.

Според лекарите, јануари и февруари ќе бидат најтешки месеци со оглед на ситуацијата, како и зголемениот број на заразени со делта, омикрон, како и сезонски грип.

„Се очекува овој наплив на пациенти да трае цел јануари, па како што тргнало може и февруари. Само не знам како ќе продолжиме вака. Сите доктори на Инфективно одделение се заразени, само еден не е. Исто така, заразени се и повеќето анестезиолози“,тврдеше во изјава за „Фокус“, доктор Даниела Буклиоска од Градската болница „8 септември“.

Досега во земјата се направени вкупно 1.785.054 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 268.191, бројот на оздравени пациенти е 239.694, на починати е 8.383, а бројот на активни случаи изнесува 20.114.

Ирена МУЛАЧКА

 

Поврзани новости