Откако Уставниот суд утврди повреда на слободата на изрзување на новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, за време на упадот во Собрание на 27 април 2017 година направена со две пресуди, една од Граѓанскиот суд од 2021 година и една од Апелациониот суд донесена истата година, се отвори прашањето кои се опциите кои сега ги има располагање новинарот, дали постапката за него почнува од почеток пред домашните судови или му дава можност да ја тужи државата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Оваа дилема произлезе со оглед на тоашто Уставниот суд не ги поништи двете претходни пресуди на Граѓанскиот и Апелациониот суд и одлуката е деклараторна, односно само констатира дека со пресудите е направена повреда на слободата на изразување.
На прашање на „Фокус“ зошто Уставниот суд не ги поништи двете пресуди, оттаму објаснуваат дека станува збор за правосилни пресуди, а согласно член 13 став 2 од Законот за судовите, правосилната судска одлука има неприкосновено правно дејство.
-Како што може да се заклучи, правното дејство на правосилните пресуди е гарантирано со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство од страна на Собранието, при што преовлада ставот дека ниту Уставниот суд не може да поништи правосилна пресуда, имајќи ја предвид оваа законска одредба, а наспроти деловничките, објаснуваат од Уставниот суд.
На нашето прашање дали одлуката на уставните судии е конечна и извршна и дали националните судови се должни да постапуваат по неа, од Уставен се категорични „одлуката е конечна, извршна и обврзувачка за секого“.
Адвокатот, Филип Медарски, кој ги застапува новинарите во овие постапки за „Фокус“ објаснува дека со оглед на тоа што одлуката на Уставниот суд е деклараторна, односно не е утврдена штетата од повредата, надомест не е определен и не се поништени претходните пресуди, следниот чекор е повторување на постапката во редовна парнична постапка.
Така новинарот сега треба да поднесе ново тужбено барање до Граѓанскиот суд за повреда на слободата на изразување на настаните коишто му се случиле во Собранието, со новите факти што ги утврди Уставниот суд кој констатираше дека е направена повреда на слободата на изразување. Тоа значи дека за него постапката почнува од почеток пред националните судови.
Битката пред Судот во Стразбур би продолжила ако и со повтореното тужбено барање не се обезбеди надомест на штета.
„Фокус“ испрати и прашања до Граѓанскиот суд дали ќе ги земат во предвид фактите што ги утврди Уставниот суд, но оттаму кратко само одговорија дека судот го применува позитивното важечко законодавство на Република Северна Македонија, како и Уставот на истата.
Од Апелацискиот суд не ја коментираат одлуката на Уставен, но потенцираат дека дека одлуките на Уставниот суд се извршни и конечни.
Инаку, се работи за предметот во кој подносителот Стојановски бара да се утврдат повреди на уставно загарантираните слободи и права, кои, според него, се направени со пресуди на Основниот граѓански суд и Апелациониот суд Скопје. Во неговата иницијатива се наведуваше дека со пресудите на двата суда е повредена уставно гарантираната слобода на изразување и членот 10 од Европската конвенција за човекови права.
Според него, државата преку соодветни државни институции не ја гарантирала неговата безбедност на 27.04.2017 година при извршување на работната задача во Собранието, а двата суда со пресудите не ги зеле предвид тужбените барања за повреда на слободата на изразување и настаните коишто му се случиле, односно директните напади кон него во Собранието, бидејќи како новинар известувал за прашања од јавен интерес (конституирање на ново парламентарно мнозинство).
Граѓанскиот суд го одбил Стојановски со образложение дека членот 10 од ЕКЧП се однесувал на овозможување на секој да го изрази своето мислење во секојдневното живеење, а не во услови кога се случуваат акти на насилство како што бил настанот на 27.04.2017 година.
Другите новинари чии права беа прекршени на „крвавиот четврток“ исто така може да поднесат иницијатива до Уставниот суд, во зависност од тоа дали ги исцрпиле барањата пред Граѓанскиот и Апелациониот суд и многу веројатно е дека Уставниот суд ќе ја донесе истата одлука.
Правната битка на новинарите пред судовите за „крвавиот четврток“ кога дел од нив завршија и со физички повреди ја водат неколку години и се уште никој не е обесштетен.
Уставен утврди повреда на слободата на изразување на новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, во Собранието на 27 април
Фросина Факова-Серафиновиќ