Новата Комисија за заразни болести брои дури 26 члена. Како што веќе објавивме, нов претседател ќе биде доктор Александар Петличковски, додека Комисијата за првпат добива и портпарол, а тоа ќе биде доктор Злате Мехмедовиќ, кој доаѓа од Здравствен дом Скопје, кој во моментот е дел од ковид центарот на интерните клиники.
Според нашите информации, како нов член на Комисијата е и доктор Нико Беќаровски од скопската Клиника за Токсикологија. Тој во последниот период е доста активен во однос на ковид пандемијата и начинот како да се справиме со неа. Како нов член, координатор на интерните клиники е доктор Калина Старделова-Гривчева, директор на Клиниката за Гастроенхепатологија.
Исто така, во Комисија е и доктор Ирина Бухова-Сотирова, прв човек на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, како и Шабан Мемети, директор на Институтот за јавно здравје. Меѓу членовите е и доктор Катерина Ставриќ, педијатар и поранешна директорка на скопската Клиника за детски болести и Виктор Ијановски, директор на Здравствен дом Скопје.
Нашите извори уште тврдат дека член на Комисијата е и Ѕвонко Миленковиќ, екс директор на Инфективната клиника, како и актуелната директорка Милена Стевановиќ. Од истата клиника доаѓаат и докторите Фадил Цана и Илир Демири.
Во Комисијата влегува и доктор Кристина Ставридис од Институт за јавно здравје, потоа професорот Невзат Елези од Универзитетот во Тетово, како и Марија Дуганова од Градска болница „8 септември“, Сузана Миновска, Марија Милкова од Центарот за управување со кризи, Грета Николовска, претставник на Агенцијата за храна и ветеринарство, Лилјана Деспотовска од ДСЗИ, Дугаџин Османи од ИЈЗ.
Во Комисијата, исто така останува и доктор Жарко Караџовски, кој долги години беше претседател.
Ирена МУЛАЧКА