Откако ковид пандемијата повеќе од година ипол го тресе светот, а досега починаа повеќе од 5 милиони граѓани, наголемо се појави потребата да се набават лекови, кои можат да помогнат против опасниот вирус, кој беше и нов и непознат.
Па, така на бизнисот пазарот се појавија повеќе видови на амбулантски и болнички лекови на различни фармацевтски производители, за кои се тврди дека барем на некој начин можат да ја олеснат борбата со Ковид 19, но не гарантираат дека секој од пациентите може и да се спаси.
Сепак, тоа се лекови за кои се уште се прават истражувања и студии, а дел од нив веќе се наоѓаат и во ковид центрите низ Македонија, како и на скопската Инфективна клиника и во Градската болница „8 септември“.
Еден од лековите кој може да се најде на листата е лекот „Фавипиравир“, попознат како фавира кој се користи за амбулантски пациенти во раната фаза на заразата. Истиот лек не се наоѓа на позитивна листа, на товар на Фондот за здравство, а во дел од аптеките може да се најде за околу 4.000 денари. За овој лек досега се водат близу 30 студии во светот.
Исто така, уште еден од лековите кој се користи против смртоносниот вирус е лекот ремдесивир, но тој се користи само во болнички услови и не може да дојде до раце на пациентите, освен во услови кога се хоспитализирани.
ШТО Е ЦИТОКИНСКА БУРА?
„Фокус“ поразговара со неколку лекари кои работат во ковид центрите и кои секојдневно имаат контакт со најтешките пациенти, кои водат битка со корона вирусот.
„Ремдесивирот е болнички лек кој на пациент му се дава во просек на десетиот ден од симптомите , но не подоцна од 14-тиот ден. Тој се дава венски“, тврди за „Фокус“, доктор Даниела Буклиоска, интернист од Градската болница „8 септември“.
Овој лек стана „популарен“, откако пред речиси една година излегоа информации во јавноста дека со негова помош за три дена бил излекуван тогашниот американски претседател Доналд Трамп.
Во тој период лани, македонската влада ја одобри употребата на „ремдесивир“, за што беа потрошени 67,5 милиони денари.
Антивирусниот лек се дава интравенозно на пациенти, на кои им е потребна хоспитализација. Овој лек се смета дека го намалува времето на опоравување за пет дена – од 15 дена во просек на 10, покажуваат резултатите од испитувањето објавено од американскиот Национален институт за здравство.
Сепак, тој не е единствен болнички лек. На листата на лекови против ковид се најде и актемра, лек наменет за заразени пациенти од ковид, кај кои доаѓа до цитокинска бура – најтешката компликација од корона вирусот.
Сепак, да објасниме што значи кога еден пациент ќе се најде во цитокинска бура?
„Тоа е најголемо имунолошко влошување во организмот, кога нагло се влошува целата клиничка состојба. Во тој момент пациентот има пад на сатурацијата, висока температура, тахикардија, тешко дишење и лабораториски пореметувања“ , додава доктор Буклиоска.
Пред еден месец, министерот за здравство Венко Филипче најави дека ќе се набави лекот „Молнупиравир“, единствен лек против ковид.
Овој лек е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на Ковид 19. Лекот се дава во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50 отсто.
ИВЕРМЕКТИН ПО 300 ДЕНАРИ ВО АПТЕКА
Исто така, на средината на јануари, лекот „Ивермектин“ и официјално беше пуштен во промет во дел од аптеките по цена од 300 денари, откако претходно ги помина сите фази на одобрување во Министерството за здравство и Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД.
Во тој период, директорот на скопската клиника за Пулмологија, доктор Дејан Докиќ објасни три сценарија според кои може да се користи лекот „Ивермектин“, но сепак беше дециден дека не смее да се зема на своја рака и без препорака од лекар.
„Значи, здравствените работници кои имаат појачан контакт со заразени пациенти можат превентивно да го земат овој лек и тоа само еднаш неделно, 0,2 милиграми на килограм тежина. Има и второ сценарио во кое некој имал поблизок контакт со болен од Ковид 19 и тој може да го зема лекот тој ден и после три дена. Тоа се смета како постпревенција. И третото сценарио е кај заразените пациенти кои треба да го земаат два дена едно по едно“ тврдеше тогаш доктор Докиќ.
Но, по речиси десет месеци, многу од пациентите имаат различно искуство со овој лек.
Ирена МУЛАЧКА