Мариа Воронтсова (36) и Екатерина Тикхонова (35) се ќерките на Владимир Путин од бракот со поранешната стујардеса Људмила.
Со нивната мајка тој се разведе во 2013 година, по околу три децении брак, а приватниот живот, како неговиот, така и на неговите деца, секогаш бил табу тема за јавноста.
САД воведоа нови санкции против Русија за потесното опкружување на рускиот претседател, вклучувајќи ги и неговите ќерки.
-Имаме причина да веруваме дека Путин и многу негови пријатели и олигарси го кријат своето богатство. Веруваме дека голем дел од имотот на Путин се скриени кај членови на семејството и затоа ги таргетираме нив со санкциите, рекоа од Белата куќа.
Неговите ќерки за кои тој секогаш внимателно и ,,скржаво” зборуваше, минатата година излегоа во јавност на Меѓународниот економски форум од висок профил во Санкт Петербург.
Тие одржаа говори, по што јавноста дозна со што всушност се занимаваат. Помладата, Екатерина е шефица на Центарот за национални интелектуални резерви на Московскиот државен универзитет, а пак првородената Мариа е истражувач по генетика.
Екатерина во минатото беше акробатска танчерка, и од 2013 до 2018 година беше во брак со милионерот Кирил Шамалов. По разводот, се објави дека двојката имала богатство од над две милијарди долари.
Мариа пак, е во брак со Холанѓанецот Јорит Фаасен, со кого имаат две деца. Во 2017 година, во интервју Путин откри дека едниот внук е во градинка, а другиот бил роден неодамна и жали што нема многу време за нив.
Инаку, Мариа подолг период живееше во Амстердам, Холандија. Се вратила во Москва во 2014 година, по што светските медиуми објавија дека нејзиниот семеен имот во Холандија се продавал по цена од околу три милиони долари.
На последното јавно појавување на Мариа и Екатерина, минатата година на Форумот, тие беа претставени како успешни деловни жени, со изградени кариери.
Пред повеќе години, на прес конференција, Путин за нив кажа дека имаат свој живот и живеат достоинствено.
Околу шпекулациите дека тој има уште една ќерка која е веќе возрасна, со Светлана Кривоногих, жена која од чистачка станала доста имотна, како и околу шпекулациите дека има неколку деца со поранешната гиманстичарка и руска олимпијка, Алина Кабаева, тој никогаш не се огласил јавно да ги потврди или демантира.