Кои извори ги користат медиумите кога известуваат за Украина?

by Фокус

Голем дел од вестите за руско-украинската војна се објавуваат без да се цитира извор, додека во случаите каде се наведува изворот главно медиумите се повикуваат на меѓународни извори, по што следуваат руски и украински извори.

Ова го покажува мониторингот на Пикаса Аналитикс на 400 македонски дигитални медиуми за месец февруар, на тема „Конфликтот Русија-Украина“.

Истражувањето покажало дека вкупно 41.113 вести се објавени во текот на февруар во врска со конфликтот, од кои доминантиот број беа објавени кон крајот на месецот, кога започна и вооружениот напад.

„При известувањето, македонските медиуми во 40.7 отсто цитирале одреден извор за своите информации. Во 59.3 отсто од вестите, или во 24.380 вести, не се споменува изворот на информацијата“, стои во извештајот на Пикаса Аналитикс.

Во него се наведува дека најцитирани меѓународни медиуми и агенции се Ројтерс, BBC и CNN, додека најцитирани руски извори се ТАСС, РИА и Спутник.

„Во забележителен број на вести не е прецизиран изворот од кој се добиени информациите, туку се наведени како „според украинските медиуми“, „според руските медиуми“ или „според светските медиуми“. Вкупно тоа се илјадници вести, особено во последната недела од февруари“, стои во извештајот.

Инаку, скоро 3 пати повеќе вести се засновани на меѓународни извори (28.8 отсто) споредено со руски извори (9 отсто), додека на украински извори се засновани само 3 отсто од вестите.

Поврзани новости