Кои ингеренции ги има Претседателот на државата?

by Fokus

Претседателот на Република Северна Македонија ја претставува државата. Тој е врховен командант на вооружените сили. Своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите, а се бира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години.

Изборот за претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Во случај на престанок на мандатот на претседателот од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот.

За претседател исто лице може да биде избрано најмногу два пати. Претседателот мора да биде државјанин на Република Северна Македонија. За претседател може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот. За претседател не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Северна Македонија најмалку десет години во последните 15 години.

Пред преземањето на должноста, претседателот на Републиката дава свечена изјава пред Собранието со која се обврзува на почитување на Уставот и законите.

Во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател на Републиката ја врши претседателот на Собранието.

Настапувањето на условите за престанок на функцијата претседател на Републиката го утврдува Уставниот суд по службена должност.

Должноста претседател на Републиката е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија. Претседателот на Републиката ужива имунитет. За одземање на имунитетот на претседателот на одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.

Претседателот го определува мандатот за состав на Владата, ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на државата во странство, ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници, предлага двајца судии на Уставниот суд, предлага двајца членови на Републичкиот судски совет, именува тројца членови на Советот за безбедност, ги предлага членовите на Советот за меѓунационални односи, именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Устав и со закон, доделува одликувања и признанија, дава помилување во согласност со закон и врши други функции утврдени со Уставот.

Претседателот на Републиката го известува Собранието за прашања од неговата надлежност најмалку еднаш годишно. Собранието може да побара од претседателот на Републиката мислење за прашања од неговата надлежност.

Претседателот на Републиката е претседател на Советот за безбедност, а него го сочинуваат: претседателот, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, министрите кои раководат со органите на државната управа во областите на безбедноста, одбраната и надворешните работи и тројца членови кои ги именува претседателот на Републиката.

Советот ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и Владата.

Претседателот на Републиката е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности. Постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.

Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот.

 

Поврзани новости