Кого Димовски сакаше да „протне“ за началник на внатрешна контрола?

Се уште актуелниот директор на АНБ и иден амбасадор во Франција, Виктор Димовски, на заминување побара согласност од матичната собраниска комисија за Златко Николовски околу позицијата началник на внатрешна контрола, која е испразнета повеќе од една година, откако Златко Арсов е именуван за заменик-координатор за антитероризам.

by Фокус

Непосредно пред да замине на амбасадорска служба во Франција, се уште актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски, кој оваа функција ја врши од формирањето на АНБ во 2019 година, иницираше постапка за именување на началник за внатрешна контрола, откако оваа позиција е испразнета повеќе од една година.

Меѓутоа, процедурата заглави во матичната собраниска Комисија за надзор над работата на АНБ, која, според матичниот Закон за работа на Агенцијата за национална безбедност, мора да даде согласност за назначување на началникот за внатрешна контрола во период од 6 години.

Поточно, оваа седница не ни започна со работа, бидејќи членовите од редовите на владејачките СДСМ и ДУИ воопшто не се појавија на седницата на работното тело, иако станува збор за предлог од директор избран од Владата што тие ја поддржуваат. Од владејачкото мнозинство официјално не ја образложуваат одлуката за бојкот на седницата.

Но, од таму неофицијално брифираат дека една од причините за нивниот потег биле реакциите од надворешните партнери. Патем, ова разидување се случува во време кога, како што објавивме, во тензична атмосфера се одвива лобирање за нов директор на АНБ, при што различни структури влечат кон различни кандидати.

БЛОКАДА ОД „СВОИТЕ“

Љупчо Пренџов, претседател на Комисијата, во изјава за „Фокус“ вели дека постапил според Законот за АНБ, кој предвидува дека мора да ја закаже седницата во рок од 15 дена од приемот на барањето за согласност за началник или помошник-директор за внатрешна контрола.

Сите беа уредно известени, но на седницата дојдоа само пратениците од опозицијата и директорот Виктор Димовски. Немаше ниту еден претставник од мнозинството, поради што седницата не можеше ниту да започне, да се усвои дневен ред и да му се даде збор на Димовски да го брани предлогот – објаснува Пренџов.

Тој вели дека не може да открие кој бил предлогот за началник на внатрешна контрола во АНБ, ниту да изнесува информации што произлегуваат од надзорите што ги вршела Комисијата врз Агенцијата, но открива дека во овие 2 години додека е претседател на Комисијата сега за првпат стигнува барање за согласност.

Две години од Комисијата не е побарана согласност за началник за внатрешна контрола. За се она што сме го утврдиле како дел од надзорите што сме ги правеле не смее јавно да се изнесуваат информации, бидејќи тоа е во доменот на државна тајна – изјави Пренџов.

ОБВИНУВАЊА ОД ПРОТИВНИЦИТЕ

Според неофицијални информации, предлогот на Димовски за испразнетото работно место – помошник директор, раководител на организациската единица за внатрешна контрола, бил началникот на АНБ Битола Златко Николовски.

Како што стои во барањето до кое дојде „Фокус“, тој има завршено Факултет за безбедност и вкупен стаж од над 26 години во областа на безбедноста.

Неговото име стана актуелно пред 2 години, кога опозицијата и дел од медиумите обвинувааа дека Николовски се обидувал да попречи активности на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, иако припадник на АНБ нема полициски овластувања.

Односно, проблемот настанал кога припадниците на младината на ВМРО-ДПМНЕ сакале да истакнат транспарент „Замрами се“ за време на говор во Битола на Радмила Шекеринска, која во тоа време беше министерка за одбрана и заменик-претседател на СДСМ.

ИСПРАЗНЕТА ПОЗИЦИЈА

Инаку, позицијата што Димовски неуспешно се обиде да ја пополни со Николовски е испразнета повеќе од една година, со оглед дека поранешниот шеф на внатрешна контрола, Златко Арсов, на средината на ланската 2021 година е именуван за нов заменик-национален координатор за борба против тероризам.

Имено, на официјалната интернет-страна на Владата е наведено дека Арсов од 1991 година е работно ангажиран во МВР, а од 2019 година е дел од новоформираната АНБ како помошник на директорот, каде останува до 2021 година, кога впрочем е избран за заменик-национален координатор од страна на Владата.

Во последниот период, припадници на АНБ се доведоа во врска со неколку контроверзни ситуации. Во таа насока, како што своевремено пишувавме, припадник на АНБ со иницијали М.Т. од Охрид беше во придружба на осуденикот Зоран Милевски-Кичеец, кога тој предизвика сообраќајќа кај Стража со смртни последици, во време кога одлежуваше активна затворска казна.

Исто така, припадник на АНБ се споменуваше како дел од шемата за измама на битолски бизнисмен, за што осуден на две години затвор беше Михаил Младеновски, сведок за случувањата на 27 април. Првично, беше уапсен и припадник на АНБ, од каде, пак, реагираа дека „не постојат никакви податоци или документи кои би можеле да упатат на каква било инволвираност на вработени во АНБ во случајот“.

Влатко Стојановски

Поврзани новости