Лозарите во регионот не се сеќаваат кога во изминатите години, па и децении, ја започнале бербата на винските сорти грозје уште во втората половина на август. Поради екстремно високите температури кои го зафатија Балканот летово, годинава бербата на грозје започна речиси еден месец порано, па сега во пресрет на септември, веќе се обрани поголемиот дел од лозјата во Тиквешијата.
– Топлото време драстично ја промени бербата на грозје годинава, и не можеме да се сетиме кога во минатото уште пред крај на август биле обрани лозјата. Вински сорти на грозје, кои вообичаено се береле после 15-ти септември, годинава стасаа за берба околу три недели порано, раскажуваат лозари од Тиквешијата.
Додаваат дека иако за разлика од лани, сега на килажа добиле помалку род, сепак квалитетот бил значително подобар поради температурите од над 40 степени кои ја зафатија земјата.
– Поради горештините се случува да има род за околу 30 проценти помалку од лани. Но, затоа пак, грозјето има голема шеќерност, па поради тоа и виното од оваа берба ќе биде со одличен квалитет, многу подобар од претходните години, за „Фокус“ раскажуваат агрономи од Кавадарци и Неготино.
Годинава министерството за земјоделство на почетокот на август ги објави цените за најзастапените сорти на грозје, 18,3 денари за килограм смедеревка и 20,8 денари за килограм вранец.
Министерството соопшти дека производната цена по килограм од ова винско грозје за 2024 година е пресметана согласно Законот за вино и Методологијата за пресметување на трошоците за производство на килограм винско грозје на одредена површина и со соодветен квалитет.
Истовремено, и берачите на грозје кои од други општини доаѓаат на гроздобер во Тиквешијата си ја покачија цената на дневницата. Годинава за берба од шест часот наутро до 11, наплаќаат по 1.700 денари, а за секој нареден час по 400 денари.
Ретко можат да се најдат берачи кои за таа цена работат до 12 часот на пладне, и сите бараат превоз до лозјата и назад, како и еден оброк.
Вики Клинчарова