Фонтаната на плоштадот Македонија во Скопје, која беше изградена за време на градоначалничкиот мандат на Коце Трајановски и изнесуваше 2,5 милиони евра, повторно е оштетена од камион.
Станува збор за тешко товарно возило кое носело опрема за фестивалот Пиволенд, и кое пропаднало во фонтаната, а на социјалните мрежи веќе се објавуваат фотографии од местото на настанот.
Фонтаната беше пуштена во употреба во јуни, 2015 година. Проектот чинеше околу 150 милиони денари од кои една третина вложи Градот, а останатите Владата. Фонтаната ја изгради Трансмет на Сеад Кочан. Таа е со правоаголна форма и димензии 20 на 10 метри и има 128 прскалки. Нејзината површина е изработена од гранитни плочи со димензии 60 на 60 сантиметри со дебелина од 10 сантиметри.
На плочите од фонтаната се поставени ЛЕД светилки со отвори за вградување млазник. Фонтаната ја сочинуваат 128 млазници со 128 светилки. Визуелниот ефект на фонтаната се постигнува со игра на млазевите, а навечер и со игра на светлата.
Од СДСМ реагираа дека парите потрошени за фонтаната требало да се искористат за енергетски ефикасни фасади, и го обвинија Коце Трајановски за расфрлање со пари.
-Напразно потрошените средства, од фонтана до фонатана, власта и градоначалникот на Скопје можеа да ги искористат за енергетски ефикасни фасади, на што веќе работи Општина Центар. На овој начин практично ќе се потврдеше определбата Скопје да биде енергетски ефикасен град. За жал, главниот град е далеку од тоа, реагираа од СДСМ уште во 2014 година, кога беше актуелна изградбата на фонтаната.
За изградбата на фонтаната, беше прекопан и дел од плоштадот. Тогаш Трајановски изјави дека плочите од плоштадот кои мора да се извадат, ќе бидат употребени за поплочување на плоштадот кај црквата ,,Пресвета Богородица” во Центар.
Јавноста се сеќава на сличен настан со фонтаната, кога во 2017 година во неа пропадна товарен камион ФАП 13, возило кое се произведуваше во Прибој, соседна Србија од 1962 до 1994 година и има носивост од 14 тона, а беше доста популарен во поранешна Југославија.
Тогашните јавни реакции беа дека возило од минатиот век, кое може да се купи единствено половно по цена од околу 2.000 евра, ја искршило фонтаната од 2,5 милиони евра.
ФАП-от беше на Град Скопје, а од таму излегоа со соопштение дека возачот бил виновен, бидејќи бил предупреден дека возењето по фонтаната е забрането. Тој доби и отказ во ЈП ,,Улици и патишта”, но по реакција на колегите со бојкот на работата, бил вратен назад.
Лани пак, во месец март, машина за чистење, позната како метларка, ја искрши фонтаната. Тогаш од Град Скопје изјавија дека се работи на санирање на штетата.
Вики Клинчарова