Претседателот Ѓорге Иванов со двојни аршини. Повикувајќи се на заедничката платформа на Албанците, која по изборите стана ултиматум на преговарачката маса со македонските политички партии, претседателот денеска не го даде мандатот на Зоран Заев.
Иако лидерот на СДСМ, достави до Иванов 67 потписи како доказ дека има парламентарно мнозинство, што беше услов за да го добие мандатот, денеска „таткото на нацијата” излезе со друго образложение.
Иванов изјави дека нема да даде мандат за состав на влада на некој што сакал да го руши суверенитетот на земјата. Тој додаде дека утрово се сретнал со Заев и побарал „јавно и јасно да ја осуди албанската платформа”.
-Долго време очекував дека одредени политички партии ќе покажат државотворност и зрелост и јавно ќе одбијат воопшто да зборуваат за таквата туѓа пост-изборна платформа – порача Иванов.
Сепак, претседателот немаше никаков проблем, ниту коментар за алабанската платформа, кога првиот пат по изборите, мандатот за состав на влада му го додели на Никола Груевски. Иако, албанската платформа беше веќе потпишана и формирана, Иванов сепак со свечена церемонија и без никакви барања ни пораки, му го врачи мандатот на Груевски.
Груевски пак, седна на преговарачката маса со Али Ахмети, иако претходно, лидерот на ДУИ јасно порача дека прифаќање на барањата на албанската платформа е главен предуслов за почеток на преговори.
За апсурдот да е уште поголем, од ДУИ тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ ги прифатила скоро сите нивни барања, меѓу кои и барањето за двојазичност, а за тоа им доставила и писмени гаранции. Од партијата на Ахмети велат дека преговорите со Груевски пропаднале поради различните ставови на партиите за реформи во судството и за СЈО.
Дури откако преговорите меѓу ДПМНЕ и ДУИ пропаднаа, Груевски јавно го повика народот да излезе на улица „за одбрана на националните интереси” и да не дозволи коалиција меѓу СДСМ и ДУИ.
Ирена Каревска