Повардарскиот Митрополит Агатангел денес повторно се најде на мета на критики од јавноста, откако во Кавадарци, за време на традиционалното закројување на виновата лоза, упати благослов до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повторно да врател се што Македонија изгубила изминатиот период.
-Примајќи ги овие свети молитви од овие наши дедовци и прадедовци јас длабоко од душата и срцето верувам дека нашиот претседател на најголемата и најсвета партија ВМРО-ДПМНЕ, господинот Мицкоски, се ова што го дадовме, верувам дека ќе го вратиме назад – зборуваше Агатангел пред присутните.
Неговиот говор предизвика лавина од реакции на социјалните мрежи, во кои јавноста му порачува дека црковните лица треба да се воздржат од политички говори, посебно за време на верски празник. Го потсетија на улогата да обединува, а не да прави поделби по било која основа.
Ова не е прв пат во Кавадарци говорот на Агатангел повеќе да прилега на партиски митинг, отколку на црковен говор. Јавноста се сеќава кога пред пет години по повод празникот Свети Кирил и Методиј, во црквата Света Богородица во село Ваташа се одржа света литургија на која проповедаше Митрополитот.
Наместо очекуваниот црковен говор, тој тогаш на присутните им одржа лекција за таканаречената Тиранска платформа, порачувајќи им да не дозволат таа да се протне низ семејствата, оти била зло и пропаст на Македонците.
Тогаш голем број на верници реагираа поради тоа што се дозволило во светите храмови да се водат политички говори, и беше објавено отворено писмо до Агатангел.
Во писмото кое масовно се споделуваше на социјалните мрежи, граѓаните му порачаа на Митрополитот да не се појавува повеќе во Кавадарци.
-Како тоа народот едвај сврзува крај со крај, а вие го дерете секогаш кога можете, при венчавки или погреби? Како тоа народот сиромашен, а вие се возите во најскапи џипови од стотици илјади евра?-покрај другото, беше наведено во писмото.
Истата година, и за верскиот празник Водици во Кавадарци се случи сличен настан, кога за време на фрлањето на светиот крст во реката Луда Мара, попот лобираше кај Севишниот, да победи и на следните избори. Во тој период, градоначалник беше Александар Панов.
-Нека нашиот градоначалник, бидејќи скоро се изборите, нека се кандидира, и дај Боже повторно нека добие- се помоли свештеникот пред присутните, а снимката од настанот која започна масовно да се споделува, предизвика чудење, но и потсмев во јавноста.
Во 2018 година пак, Агатангел на литургија проповедаше да се бојкотира Референдумот.
-Се надевам дека вашите роднини и пријатели нема да излезат да гласаат, оти излегувањето на Референдумот е срам за сегашните и идните генерации на оние кои ќе гласаат-проповедаше Митрополитот.
Вики Клинчарова