Селекторот Благоја Милевски денес слави роденден. Тој полни 51 година, а честитките доаѓаат од сите страни.
Според честитките кои ги остава јавноста на социјалните мрежи, тој вчера го добил најубавиот роденденски подарок, со победата на Европскиот шампион и со можноста за мечот со Португалија, за пласман на Светското првенство.
Милевски стана селектор на македонската фудбалска репрезентација на први август лани, кога дојде на местото на Игор Ангеловски.
Пред тоа ја водеше селекцијата до 21 година, а во 2017 година оствари историски пласман на Европското првенство во Полска.
Во постаро интервју тој раскажуваше дека сопругата Марјана, ќерката Андротеа (15) и синот Теодор (19) секогаш се неговата движечка енергија.
Раскажуваше дека ќерката тренирала тенис, синот кошарка, и секој слободен момент го минувал со нив.
-Знаете, кога сите ние имаме успеси на професионален план тогаш сме опкружени од безброј луѓе кои сакаат да бидат со вас, сите се среќни да бидат дел од вашиот живот и се чувствувате исполнети.
Но, кога нештата во животот не ни одат согласно посакувањата, кога на некој начин сте оставени сам во професионалната битка, тогаш единствено семејството е тоа на кое му се враќаме. Најблиските се тие кои единствени сочувствуваат, живеат со вас и вашата болка, и се секогаш тука за вас… Тогаш вистински гледате дека единствената енергетска точка се само тие- изјави тој во интервју од пред пет години.
Вики Клинчарова