Човекот што го возел Љупчо Палевски од Белград до Турција, Стефан Димковски сведочеше денеска во случајот со убиството на малата Вања и велешанецот Панче. Тој рече дека Палчо го викнал за да го врати во Македонија, но дека кога дошле во Ниш, Палевски го замолил да го однесе во Турција.
Димковски вели дека Палевски му се јавил преку Телеграм на 1 декември 2023 година и го прашал дали може да дојде во Белград да го земе и да го врати во Македонија.
– Во Белград стасав околу 16 часот на 1.12.2023. Тој ми пушти адреса каде се наоѓа. Го зедов од центарот на Белград, ми рече дека е во хотел. Веднаш тргнавме да се враќаме кон Скопје, имаше гужва, долго ни требаше да излезам од Белград. Кај Велика Плана застанавме на ручек. За престојот во Белград ми кажа дека договарал гостувања со некој аналитичар, политиколог и некој професор за рудни богатства. Ми спомна дека има проблеми со кичмата – рече Димковски.
Тој рече дека Палевски не му кажал во која болница имал закажано операција, дека операцијата била закажана за 3 или за 4 декември 2023 година и дека ќе чинела 5.000 евра. Димковски бил со Палевски до 3 декември 2023 година попладнето.
– Беше блед, ме викна и ми рече дека имало дешавка во Македонија. Ме праша го знаеш ли случајот со исчезнатото девојче? Јас мислев дека зборува за две исчезнати девочиња за Грција. Рече „Не, за Скопје, и тоа ми го лепат мене“. Рече дека вчера била полиција во штабот, вршела претсрес, привеле некои од партијата, па ги пуштиле. Го прашав, а што има девојчето со партијата, рече дека ги поврзал пикапот. Ми кажа кои сѐ биле на испрашување, Плотников, Ѓорѓи, жена му на Ѓорѓи… – рече Димковски и додаде дека после појадокот, кон 10 часот тргнал кон Македонија.
Рече дека Палевски ја изнајмил куќата за три месеци и дека се сретнал со извесен Усеин, наш иселеник во Турција.
Откако го оставил Палчо, отишол во друг град во Турција, каде преспал. Вечерта пријатели му испратиле линкови со зборовите:„„што е ова, да не го местат“.
„Гледам изјава на министерот Оливер Спасовски, хаос, да ви кажам право се онесвестив во хотелот. После кога се слушнавме со Палевски го прашав што се случува, а тој ми рече дека ова е тешка местенка. „сачекуша голема“ и оттогаш се изгуби комуникацијата“ раскажа Димковски.