пишува Ида Протуѓер Вељковиќ
Беше некаде средината на јуни, пред неколку години кога живеев во Женева, Швајцарија. Со син ми се затекнавме во еден трговски центар кога удри страшно невреме. На сред бел ден стана мрачно како ноќ, дуваше силен ветер, врнеше дожд и потоа град со големина нешто помала од тениско топче. Не можевме од силниот ветер, дожд и град да излеземе од трговскиот. Тоа траеше околу еден час, по што продолжи само да дува и врне. Се охрабривме да излеземе иако се лизгавме поради тоа што тротаоарите беа бели од топките град и градот се тркалаше и по улиците. Полека дојдовме до трамвајот, доцнеше неколку минути што е невообичаено за тој град но се објаснува со силното невреме. Од трамвајот гледав како реки дожд се слеваат по улиците, но и исчезнуваат во одводите. Возевме бавно, имаше метеж, многу вода, но по половина час ситуацијата во градот се нормализираше.
Второто толку силно невреме што сум го видела беше вчера во Скопје, 6 јули. Имавме “среќа” што останавме дома и станот ни е на погорните катови и “само” немавме струја половина час. Што видов?
Власта си игра држава
Видов како попуштија шрафчињата со кои власта си игра држава. Кога вработуваш приучени лекари со партиска книшка на гинекологија, умираат бебиња. Кога во ек на туристичка сезона, брзата помош може да стигне само со возило (не дај боже да инвестираат во глисер и сл) за 40 минути до кампот Градиште, умира 17 годишно момче на плажа.
Следствено на тоа, кога градиш без никаков поим од урбанизам, настанува поплава од обичен дожд, се формираат свлечишта, противпожрните возила немаат пристап да помогнат. Кога телата како Центар за управување со кризи, Противпожарна служба, Брза помош се расадници за партиски кадри, тие нема да знаат како да се справат со кризни ситуации.
Вработените во тие тела се информирани дека нивната обврска е да донесат уште по 20 гласачи, но веројатно не и како да решаваат кризни ситуации. Впрочем и парите на граѓаните се трошат за нешто “видливо” како спомениците, а не за опрема која не носи гласови за партијата.
И самата мобилизација на институциите е доведена до совршенство кога треба да се обезбеди победа на ДПМНЕ-ДУИ, но не и кога институциите треба да се мобилизираат за да се стават на услуга на граѓаните. Затоа што ништо во оваа држава не е на услуга на граѓаните туку на партијата на власт. Чувме на вести дури и на режимските медиуми дека улиците кои биле реновирани биле без сливници.
Потемкиновски до бескрај
Значи претходно на вести оделе пофалби и сечење црвени ленти за реновиран пат, а тој без сливник. Потемкиновски до бескрај. Затоа кога парите на граѓаните не ги трошиш за нивна благосостојба туку за лична злоупотреба и одржување на власт, се случува од невреме од три часа да има 15 жртви и 6 исчезнати?!?
Шрафчињата на системот не попукаа на избори затоа што се така зашрафени да донесат победа на тој што ги контролира. И така се подмачкани да нема “утка”. Шрафчињата на системот попуштија кога требаше како во секоја демократска држава да се стават на услуга на граѓаните што го финансираат тој систем.
Жителите на Стајковци и Синѓелич, како и заглавените на обиколницата со мали деца и бебиња како што сведочеа граѓани по социјалните мрежи беа оставени на цедило од системот што го финансираат. Нивниот крик за помош не стигна до Анталија каде се сонча Груевски, човекот кој иако не е премиер, целиот систем е насочен да го чува, да го тинтра, да го испраќа на летување со полициска придружба и силно обезбедување, да му носи нарачани пресуди, да му ги спасува од притвор соработниците од “делата” за кои чувме од бомбите, да му обезбеди мерцедес од 500.000 евра што ќе му го масира грбот додека го возат. Тие луѓе загинаа поради негрижа на системот за граѓанинот!